Банско живее и во лето
Ниските цени во хотелите во Банско во лето им овозможуваат вистинско летно уживање на туристите од Македонија
На почетокот на септември, кога летото сè уште трае, но е на залез, високо на Пирин сонцето уште пече, а планинскиот ветер разладува. И во лето, кога речиси сите уживаат на море, малото бугарско гратче под една од најубавите планини на Балканот е преполно со туристи кои уживаат во чистиот воздух и луксузните хотели.
Во овој период од годината таму на доручек излегуваш облечен во тренирки, а на пладне се соблекуваш по костим за капење и уживаш во базените кои ги има речиси во сите хотели. Викендот кога се славеше Денот на независноста на Македонија, во Банско се споија и Македонците и Бугарите, кои два дена претходно го одбележуваа преминувањето на Бугарија кон сојузниците при крајот на Втората светска војна.
Ниските цени во хотелите во Банско во лето им овозможуваат вистинско летно уживање на туристите од Македонија, кои не можат да си го дозволат тоа во скапите хотели во Маврово или Берово. Овој град е пример како за неколку години мало гратче под Пирин може да стане еден од најбараните скијачки центри на Балканот. И иако е на Балканот, таму нема да најдете расфрлани догорчиња од цигари и ѓубре. Кон центарот на градот, на двете страни се наредени една до друга, продавнички со рачни изработки и бугарски производи, од природна кожа, опрема за скијачите, но и бугарска козметика.
Девојка од мало гратче во близина на приморскиот град Варна го напуштила морето и отворила своја продавница во Банско во која нуди бугарска козметика. Наместо на море, цело лето живее во Банско, иако дел од продавниците се затворени и нивните сопственици одат на море за таму да ги нудат своите производи. Но девојката останува и пак има добар промет од туристите.
Никола Јонков Вапцаров, кој е роден во овој град, има посебно место во Банско. На одреден начин Вапцаров и Банско се поврзани како едно. Центарот на градот е украсен со фонтани, стари реставрирани куќи и бугарски „механи“ од каде што може да слушнете како се пее „Македонско девојче“. Иако нема снег, жичница работи секој ден и со неа може да се качите на надморска височина од над 1.600 метри и да уживате во панорамата на градот, во зимзелените дрвја кои ве опкружуваат наоколу, но и во храната во ресторанот. А најголемата забава горе е за децата, има мини-голф, гуми со кои се спуштаат и огромни трамбулини од каде што се лизгаат и уживаат во сонцето и забавата…
По овие празници, повеќето продавници и хотели се затвораат и се подготвуваат за зимската сезона, кога треба да примат илјадници туристи од целиот свет. (Ф.Ф.С.)