Банкарските провизии во Македонија не се исти кај сите банки: Каде се најниски?
Секој граѓанин има можност преку веб страниците на банките и преку дигиталните алатки за споредба на банкарските надоместоци што ги постави Народната банка на својата веб страница да ги анализира и спореди трошоците за банкарски услуги и производи
На прв поглед, банкарските услуги кај нас изгледаат слично – сметка е сметка, картичка е картичка, а трансакција е трансакција. Но, кога малку подетално ќе се анализира, станува јасно дека на македонскиот банкарски пазар има конкуренција и дека вреди да се знае која банка колкави провизии наплаќа и каде се најниски.
Разликите не се мали. Зависно од банката, месечниот трошок за банкарски услуги може да биде симболичен или многу повисок. А, откако ќе почнат да се применуваат новонајавените повисоки провизии кај одредени банки, разликите стануваат уште поочигледни.
Затоа направивме анализа на тарифниците на шесте најголеми банки во земјата, при што кај одредени банки што веќе им најавија на клиентите промени во тарифите во наредните месеци ги вклучивме новите тарифници. Анализата ги опфаќа најосновните банкарски услуги кои ги користи редовно речиси секој возрасен граѓанин.
Тоа значи прима плата на сметка во конкретна банка, има дебитна картичка, користи електронско банкарство, плаќа сметки онлајн, прави по некоја трансакција и на шалтер и повремено подига готовина на шалтер и сите услуги ги користи посебно, а не во пакет. За ваков профил на клиент, месечниот трошок може да биде околу 135 денари во Комерцијална банка, но да достигне и до 270–280 денари во Шпаркасе или во НЛБ банка.
|
Банка |
Симулација на вкупен месечен трошок за користење 6 вида банкарски услуги без активиран пакет |
|
Комерцијална банка |
135 ден |
|
Стопанска банка |
227 ден |
|
Шпаркасе банка |
270 ден |
|
НЛБ банка |
283 ден |
Опфатени се следните услуги: месечно одржување сметка и електронско банкарство, има дебитна картичка, врши 3 онлајн трансакции преку КИБС, плаќа 1 сметка на шалтер и еднаш подига готовина на шалтер.

Токму кај основната услуга, одржување платежна сметка се гледа првата значајна разлика. Комерцијална и Халкбанка месечно наплаќаат по 40 денари, додека кај другите банки цената достигнува и 60 денари.
Интерен клиринг на шалтер, што значи пренос од сопствена на сметка на друго лице во истата банка, во Комерцијална чини 10 денари, кај другите банки од 30 до 40 денари, додека во Прокредит достигнува 120 денари.
Голема разлика има и кај безготовинските КИБС налози на шалтер (плаќања кон сметка во друга банка), за кои Комерцијална банка наплаќа 20 денари по налог, Шпаркасе банка 50 денари, Стопанска, НЛБ и Халкбанка по 55 денари, а Прокредит банка 120 денари.
Безготовинските МИПС налози (кон сметка во друга банка со услов парите да стигнат веднаш и за износ над 1.000.000 денари), најевтини се во Стопанска и во Халкбанка и чинат 80 денари по налог, во Комерцијална се за нијанса повисоки и чинат 90 денари. Но, затоа во Шпаркасе и во Прокредит банка се 200 денари, а во НЛБ банка дури 280 денари.
Подигнувањето готовина со дебитна картичка од банкомат најчесто е бесплатно (пред сѐ од банкомати на банката која ја издала картичката), но вистинските разлики се појавуваат кога се користи шалтер за оваа услуга. Во Халкбанка оваа услуга чини 30 денари, додека другите банки наплаќаат процент од износот што се подига. Но, и тука има големи разлики. Подигнување готовина од своја сметка на шалтер во Комерцијална банка чини 0,1% од износот на налогот, односно минимум 10 денари, а максимум 500 денари. Минималниот износ на Стопанска банка за оваа услуга е 60 денари, а на НБЛ и на Шпаркасе банка дури 100 денари. Прокредит воопшто не нуди услуга за подигање готовина на шалтер. Максималниот износ за оваа услуга со најавените повисоки провизии може да достигне и до 1.000 денари.
За граѓаните кои сè уште користат шалтер, а тоа е голем дел од населението, овие разлика не се занемарливи.
Со растот на електронското банкарство, секојдневие за граѓаните стануваат и онлајн трансакциите. Но, и тука постојат разлики во висината на тарифите кај различни банки. Доколку сакате електронски да префрлите пари на сметка во друга банка со КИБС налог, во Комерцијална банка ќе ве чини 10 денари, а во НЛБ банка 16 денари. Електронските трансакции по МИПС имаат изедначени цени кај сите поголеми банки и изнесуваат 50 денари, со исклучок на НЛБ банка, каде се 55 денари.
Особена разлика се појавува кај банките кога се споредуваат еднократните трошоци при подигање станбен кредит, што секако претставува голема финансиска одлука, а со тоа и трошоците се голема ставка. Во Комерцијална, Стопанска и во Халк банка во моментот станбените кредити се без трошоци за одобрување и проценка на имот. А, во другите банки овој трошок за кредитокорисникот изнесува од 4.000 денари во НЛБ банка и во Шпаркасе банка, до 1% од одобрениот износ (минимум 6.000 денари) во Прокредит банка. Има најави дека наскоро и други банки ќе воведат процентуален износ од износот на станбениот кредит како надоместок за негово администрирање и одобрување.
Членарината за користење обична дебитна картичка е горе долу изедначена кај банките. Годишната членарина кај повеќето банки изнесува 300 денари, односно 25 денари месечно. Исклучок се НЛБ банка, каде има месечна членарина од 30 денари, и Шпаркасе банка со месечна членарина од 30 денари, односно годишна од 360 денари.

Пакет услугите се уште еден сегмент каде конкуренцијата е очигледна. Тие најчесто комбинираат платежна сметка, дебитна картичка, електронско банкарство и одреден број бесплатни електронски налози во една месечна цена. Но, таа цена варира значително. Во моментот Прокредит банка ја нуди со 0 денари доживотно ако активирате пакет во промотивниот период до 31 август 2026. Во Комерцијална и во НЛБ банка чини 40 денари, во Шпаркасе 80 денари, а во Халкбанка е 150 денари.
|
Банка |
Месечен надоместок за пакет банкарски услуги |
|
ПроКредит |
0 ден* |
|
Комерцијална банка |
40 ден |
|
НЛБ банка |
40 ден |
|
Шпаркасе банка |
80 ден |
|
Халкбанка |
150 ден |
*Лимитирана понуда до 31.08.2026
Најевтино во моментот е да се избере банка со нула трошоци, како што е Прокредит со промотивната понуда. Но, оваа банка нуди пред сѐ дигитално банкарство, а најголем дел од граѓаните сѐ уште преферираат шалтерски услуги. Сакаат да посетат филијала, да добијат совет или едноставно да завршат работа на шалтер.
Оттука оваа анализа покажува дека Комерцијална банка се позиционира како поволна опција затоа што нуди избалансиран однос на цените. Ниските провизии за дигитални услуги се комбинираат со релативно ниски трошоци за шалтер, па вкупниот месечен износ останува поволен.
Секој граѓанин има можност преку веб страниците на банките и преку дигиталните алатки за споредба на банкарските надоместоци што ги постави Народната банка на Македонија на својата веб страница да ги анализира и спореди трошоците за банкарски услуги и производи. И притоа, веројатно е најкорисно да оцени која банка најдобро се вклопува во начинот на кој секојдневно ги користи услугите. И, секако, добро е да знае дека електронското банкарство е клучно за ниски трошоци, а пакетите се поисплатливи отколку користење поединечни услуги.