Банкарските провизии ги определува секоја банка поединечно, велат банкарите

Банкарите сметаат дека евентуалното намалување на банкарските провизии што ги наплатуваат за нивните услуги е сложен процес кој бара внимателна анализа на трошоците, и посочуваат дека цените на банкарските услуги ги определува секоја банка поединечно. Ова денес било соопштено на состанокот во Македонската банкарска асоцијација (МБА), помеѓу претставници на банките и новиот гувернер на Народната банка, Трајко Славески. Тој во своето ображање побара банките да ги намалат провизиите, кои треба да бидат на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците.
Во рамки на средбата, како што соопштија од МБА, претседателката на Македонската банкарска асоцијација, Маја Стевкова Штериева, изрази благодарност до гувернерот Славески за изнесеното обраќање и ги сподели ставовите на Асоцијацијата по однос на предлозите за намалување на надоместоците за платежни услуги.
Во своето излагање таа потенцираше дека цените на банкарските услуги се определуваат индивидуално од страна на секоја банка, преку органите на управување, и дека Македонската банкарска асоцијација, од своето основање до денес, никогаш не дискутирала за цените на производите или услугите како заедничка тема.
„Во иднина, ќе продолжиме да дискутираме за можните насоки на дејствување, но одлуките за цените остануваат во надлежност на секоја банка поединечно“, истакна таа.
Воедно, претседателката посочи дека е важно да се согледа контекстот на податоците што се објавуваат во јавноста, особено во однос на учеството на надоместоците во приходите на банките. Таа додаде дека банкарскиот сектор е меѓу најтранспарентните во земјата, обврзан да објавува точни и детални информации согласно регулативата, што не е случај со голем дел од другите сектори во економијата. „Кога правиме споредби, мора да имаме предвид дека банкарскиот сектор функционира на високо ниво на транспарентност, додека кај многу други сектори тоа не е така – податоците често се нецелосни или неточни“, нагласи Стевкова Штериева.
Во однос на евентуалното намалување на одредени надоместоци, таа посочи дека станува збор за сложен процес кој бара внимателна анализа на трошоците, особено имајќи ги предвид значајните расходи што банките ги имаат, како во делот на ИТ, така и за услугите поврзани со меѓународни провајдери во областа на картичниот бизнис. „Затоа се залагаме колку што е можно повеќе услуги да се развиваат со сопствени ресурси во Македонија, што би придонело за намалување на трошоците и овозможување поповолни услови за клиентите“, додаде таа.
Како еден од потенцијалите за намалување на трошоците, беше посочено и најавеното намалување на надоместокот за користење на МИПС-системот, што би можело да се транспонира во пониски трошоци за клиентите во иднина.
Македонската банкарска асоцијација останува отворена за соработка и ќе делува во насока на унапредување на платежните услуги, вклучително и преку разгледување на предлозите и иницијативите изнесени од страна на гувернерот, соопштија од МБА.
Во своето обраќање пред банкарите, гувернерот Славески ги претстави ставовите и предлозите на централната банка во насока на намалување на трошоците што ги сносат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги.
Тој истакна дека целта на иницијативата е провизиите да се постават на ниво кое ќе биде одржливо за банките, но истовремено да бидат фер и прифатливи за корисниците. При тоа Народната банка е подготвена да го направи првиот чекор во оваа насока со намалување на надоместоците што ги плаќаат банките за користење на услугите во МИПС.
Истовремено очекуваат банките во најкус можен рок да ја ревидираат висината на надоместоците за извршување на плаќањата за граѓаните и компаниите и да ги постават на разумно ниво, односно: намалување на надоместоците за одржување на платежни сметки за правни лица, со акцент на олеснување на товарот врз малите и средни компании; укинување на надоместоците за користење електронско и мобилно банкарство; укинување на надоместоците за плаќања со платен налог во рамки на иста банка; намалување на надоместоците за меѓубанкарски плаќања во денари преку платните системи КИБС и МИПС; поедноставување и намалување на трошоците за подигнување готовина на банкомати на други банки и намалување на надоместоците што банките ги наплатуваат од трговците за прифаќање картички.