“Балканска приказна”- нова турска серија се снима во Македонија, од утре на ТРТ 1

Првата епизода од „Балканска приказна“ на екраните ТРТ 1, утре 21 јуни со почеток во 20:00 часот/ 19:00 часот по македонско време.


„Balkan Ninnisi“ или Балканска приказна, една од најамбициозните продукции за Турција снимена во странство по долги години, по сценарио на Угур Узунок, сценаристот на „Долина на волците“ започнува со прикажување на првата епизода на ТРТ1 од утре, 21 јуни во 19 часот по македонско време. Гала промоција на Балканска приказна ќе се одржи и во Скопје, со прикажување на првата епизода од серијата утре, во Куршумли ан во Старата скопска чаршија, а денес во Скопје брифинг со новинарите имаше дел од екипата. 

„Балканска приказна“ го привлекува вниманието не само со својата искрена, срдечна и весела приказна, но и со својата маестрална актерска екипа.

Познатиот уметник Ердал Озијаџилар, кој дојде во Скопје по серијата „Елведа Румели“ која се емитуваше пред повеќе години и стана центар на вниманието во Македонија, во серијата го толкува ликот на „Кофтеџи Сулејман“.

Серијата „Балканска приказна“, во која Ердал Озијаџилар ги дели главните улоги со Озлем Туркад, Емре Беј и Мерих Озтурк, е во продукција на Јалчин Ари и Угур Узунок, а режијата е на Доан Умит Караџа и Волкан Капкин. Освен нив, како актерски имиња се појавуваат и

Хакан Бојав, Сузан Акбелге, Сарп Бозкурт, Ѓозде Чиаџи, Џан Колукса, Дениз Ѓуркан, Емине Халил, Сулејман Кара, Ерман Шабан, Каан Тургут, Бурак Рахман.

Во серијата се отсликуваат делови од животот на две семејства, турско и македонско кои живеат од двете страни на реката Вардар, доловувајќи ги шарените културни традиции на два различни народи.

-Кога почнавме да работиме веднаш се вклопивме во амбиентот. За снимање на оваа серија добивме голема поддршка од македонските институции. Најнапред добивме поддршка од Министерството за култура, од безбедносните служби, полицијата и другите институции како и општините кои ни дадоа дополнителен поттик уште подобро да ја сработиме нашата работа. Тоа е една од причините заради која се одлучивме да го работиме овој проект тука, рече на денешната средба со медиумите продуцентот Јалчин Ари.

Тој напомена дека за време на снимањето посветувале големо внимание да има и македонски елементи во серијата, за да им ја доближат македонската култура до публиката.

Хакан Бојан, еден од главните актери во серијата кој ја игра улогата на Даниел на денешната средба со медиумиte посочи дека не му е тешко да се прилагоди на улогата на Македонец, бидејќи како што вели, македонските и турски култури се прилично блиски.

-Пред да почнеме со снимање направивме мали истражувања околу начинот на живот на македонскиот народ и околу тоа за каков народ се работи. Се подготвив за улогата на македонско семејство со македонски начин живот. Нема голема разлика освен тоа што македонското семејство има поразличен начин на облекување и на однесување. Разликите се мали, но ми се допадна улогата на татко во македонското семејство.

Кратко резиме за првата епизода од „ Балканска приказна “ која од утре започнува да се емитува на ТРТ1:

„Во градот Скопје, поделен со реката Вардар, од едната страна на реката Македонци, од другата страна живеат Турци и Албанци. Сулејман Уста и неговото семејство, сопственик на дуќан за ќофтиња, именуван по Камени мост што ги обединува двете страни, со возбуда го чекаат младиот Ертан кој се враќа од Истанбул во Скопје. Ертан, еден од двата сина во семејството, го завршил школувањето и се враќа во татковината. Целото семејство, особено неговиот вујко Сулејман и мајката Нериман, го очекуваат младиот Ертан да се врати како дипломиран архитект. Нивниот сон е Ертан како млад архитект да ја реконструира џамијата во којашто неговиот дедо на времето бил имам, а истата е уништена од земјотресот.

Од друга страна, Јованка, која под притисок на нејзината мајка Елена студирала политички науки во Виена и се вратила во родниот град исто како Ертан, ќе се соочи со живот кој не го сака, веќе однапред испланиран против нејзината волја. Во првиот дел од епизодата, Јованка, чија желба е да се занимава со уметност, се ослободува од авторитетот на мајка си Елена и ќе се бори за сопствениот живот. Нејзини најблиски поддржувачи во оваа борба ќе бидат нејзиниот татко Даниел и сестрата Марија.

Ертан се враќа во родниот град и на семејството им признава дека студирал радио, театар и телевизија наместо архитектура. Разочарани, семејството на Ертан брзо го пишува сценариото за иднината на Ертан. Сулејман својот внук го вработува во дуќанот, додека мајката Нериман пак, сака да го ожени Ертан со Турчинка, плашејќи се дека Ертан ќе заврши како неговиот брат кој се оженил за Македонка и го напуштил конакот каде живее целото семејство. Но, на крајот, судбината си ја игра својата игра. Сега, најголемиот страв на Нериман е дека Ертан има тајна љубовна врска со Македонка, Јованка.

Од една страна, Сулејман, кој никогаш не го поминал Камениот мост кон македонската страна на Скопје и Нериман која се плаши дека нејзиниот помлад син ќе заврши со Македонка, а од друга страна пак Елена, која воопшто не ги сака Турците. Тие ќе бидат и најголемата пречка за Ертан и Јованка. Ова непријателство помеѓу двете семејства не е непријателство и омраза базирана на националност,  туку резултат на длабока рана од минатото.