Балетот „Госпоѓа Бовари“ во НОБ во сенка на суспензијата на обоистката Тања Петрушевска
На сцената на Националната опера и балет вечерва во 20 часот ќе биде изведен балетскиот спектакл „Госпоѓа Бовари“, дело поставено во два чина, инспирирано од безвременскиот роман на Г. Флобер.
Диригент е гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, додека кореографијата ја потпишува Виктор Ишчук од Украина, кој со прецизен и суптилен современ израз го доловува духот на 19. век и емотивната комплексност на главниот лик. Музичката подлога е составена од дела на Камиј Сен-Санс, Морис Равел, Жил Масне, Феликс Менделсон и Георг Фридрих Хендл, со сценографија и костимографија на Андреј Злобин и Гана Ипатиева (Украина). Светло-дизајнот е на Милчо Александров, концерт-мајстор е Јане Бакевски, пијанист – Андреја Наунов, а менаџер на проектот е Киро Павлов.
Во главната улога на Ема Бовари настапува Марија Кичевска Шокаровска, со Франциско Хименез Руиз како Шарл Бовари и Балаж Лочеи како Рудолф Буланже. Настапуваат и солистите, ансамблот и оркестарот на Националната опера и балет.
Како што наведува Националната опера и балет, балетот ја прикажува внатрешната борба на жената меѓу копнежот по страст и слобода, како и стегите на општествените норми – тема која останува актуелна и денес.
На вечерашниот гала настан сенка фрла суспензијата на Обоистката од Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ) Тања Петрушевска.
„Генералниот директор Оливер Арсовски, и забрани и влез во матичната куќа додека трае дисциплинската постапка против неа и платата ѝ е намалена на 50 отсто“, соопшти Синдикатот на културата на Македонија. Оттаму велат дека Петрушевска е суспендирана спротивно на сите законски процедури, без правна основа и со грубо кршење на работничките права.
Според документите кои ги објави Синдикатот, Петрушевска, која со работна позиција прва обоа е вработена во институцијата повеќе од 30 години, е суспендирана поради конфликт со диригентот-гостин Едуард Амбарцумјан на пробата на 16 јануари за балетот „Мадам Бовари“.
Арсовски изјави дека денес во 12,15 часот ќе одржи прес-конференција. Петрушевска закажа прес-конференција пак денес во 10 часот.