Бајден во Глазгов: Ова е деценија на одлуки за климата на Земјата


 Американскиот претседател Џо Бајден изјави денеска на климатската конференција во Глазгов рече дека оваа деценија ќе ја одреди иднината на климата на Земјата.

– Ова е одлучувачка деценија во која имаме можност да се докажеме, им рече Бајден на светските лидери на самитот COP26 во Шкотска.

– Глазгов мора да биде почеток на една деценија на акција и иновации за да се зачува нашата заедничка иднина, нагласи претседателот на Америка, земјата која историски емитирала најмногу гасови со ефект на стаклена градина.

Бајден рече дека климатските промени веќе го уништуваат светот и оти тоа веќе не е хипотетичка опасност, туку нешто што е видливо секој ден.

Преминувањето на зелените технологии демократот не го гледа само како „морален“, туку и како „економски императив“, како што покажува и актуелната криза предизвикана од големиот раст на цените на енергенсите.

Бајден тврди дека обновливите извори на енергија се постабилни на пазарот и оти преминот кон нив ќе отвори многу работни места.

Тој исто така нагласи дека САД ќе покажат дека „не само што се вратиле во игра, туку ќе водат со свој пример“.

– Знам дека тоа не беше случај. Затоа мојата влада работи прекувремено за да покаже дека тоа не се само зборови, рече Бајден, наследникот на републиканскиот претседател Доналд Трамп, кој ги повлече САД од Парискиот климатски договор и укинуваше еколошки регулативи.

Но, Бајден пристигна во Глазгов откако дома не успеа да го спроведе својот амбициозен климатски план. Демократот не обезбеди поддршка за предложениот закон, соочувајќи се со противење од страна на републиканците, како и од партиските колеги во Конгресот, потсетуваат светските медиуми.

Во Претставничкиот дом пречка му се демократите од сојузните држави со силни енергетски сектори, а во Горниот дом демократскиот сенатор од Западна Вирџинија Џо Манчин.

Федералната држава на Манчин е главен производител на јаглен и природен гас, а тој финансиски е поврзан со индустријата за јаглен, пишува Фајненшл Тајмс.

Затоа, Бајден мораше да се откаже од најхрабрите делови од неговиот закон, како што е иницијативата од 150 милијарди долари за субвенционирање на енергетски компании кои ќе се префрлат на обновливи извори на енергија.

Некои аналитичари сметаат дека тоа значително ќе го отежни спроведувањето на ветувањето на Бајден дека САД до 2030 година ќе ги преполоват емисиите на штетни гасови во однос на 2005 година.

Борбата против климатските промени е загрозена и од потенцијалната одлука на Врховниот суд, тело со конзервативно мнозинство, за овластувањата на Агенцијата за заштита на животната средина (ЕПА) да ги регулира емисиите на стакленички гасови. За тоа судот ќе одлучува во петок.

Овие внатрешни проблеми го загрозуваат прокламираниот статус на САД како предводник на зелената транзиција, но Бајден се надева дека неговиот разводнет, но план кој носи напредок, ќе биде изгласан оваа недела.

– Ние, кои сме одговорни за голем дел од уништувањето на шумите и сите проблеми што ги имавме досега, сме поодговорни и им го должиме тоа на другите народи. Не бевме. Мораме да помогнеме, многу повеќе отколку досега, заклучи Бајден во Глазгов.