Бајден: Путин е ставен во лоша позиција во однос на Украина по воведувањето на новите санкции


Американскиот претседател во заминување Џо Бајден синоќа изјави дека рускиот претседател Владимир Путин е „во лоша позиција“ откако САД и Велика Британија соопштија за воведувањето нови координирани санкции против рускиот енергетски сектор поради војната во Украина.

-Навистина е многу важно да не му се даде никаков одмор, изјави американскиот претседател за неговиот руски колега.

Американската и британската Влада вчера објавија нови санкции против рускиот енергетски сектор, вклучително и „Газпромњефт“, со цел да се прекине „најголемиот извор на финансирање на Кремљ“ што ја помага војната во Украина.

Бајден на прес-конференција рече дека санкциите може да доведат до зголемување на цената на бензинот за три или четири центи по галон.

-Но, тоа ќе има многу поголемо влијание врз капацитетот на Русија да продолжи да дејствува како што дејствуваше во водењето на војната, рече Бајден.

Неколку дена пред инаугурацијата на новиот претседател на САД, Доналд Трамп, на 20 јануари, американското Министерство за финансии објави серија санкции насочени, меѓу другото, против двете главни руски компании во овој сектор, „Газпромњефт“ и „Сургутнефтгас“.

Лондон воведе санкции и за двете компании, кои, според него, „самите произведуваат повеќе од милион барели нафта дневно, што по сегашните цени вреди околу 23 милијарди долари годишно“.

Одлуката веднаш беше осудена од „Газпромњефт“, подружница на државната групација „Газпром“, како „неоправдана и нелегитимна“, јавија руските медиуми.

Помошникот советник за национална безбедност на Белата куќа, Далип Синг, рече дека санкциите се најголемите што САД некогаш ги вовеле на рускиот енергетски сектор.

-Овие санкции силно ги погодија сите клучни алки во синџирот на производство и дистрибуција на руската нафта, додаде тој.

Британското Министерство за надворешни работи, исто така, изјави дека приходите од нафта се „суштински за руската воена економија и претставуваат околу една четвртина од вкупниот буџет на Русија во 2023 година“.

Акциите насочени кон нафтените компании ќе ја исцрпат руската воена ризница, а „секоја рубља земена од рацете на Путин ќе придонесе за спасување на животи на Украина“, изјави шефот на британската дипломатија Дејвид Лами.

Вашингтон вчера објави и санкции за околу 200 танкери што работат за потребите на Русија и се претставени како дел од таканаречената „фантомска флота“ на Москва, која се користи за заобиколување на санкциите. Некои од овие танкери се регистрирани под знамето на Барбадос или Панама.

Покрај производителите на нафта и бродовите, американските санкции се насочени кон целиот синџир, што влијае на голем број посредници, даватели на услуги во нафтените полиња, како и политички претставници од секторот.

Американското Министерство за финансии соопшти дека санкциите ќе стапат на сила на 27 јануари.