Бајден до Сенатот: Новиот судија на Врховниот суд, на местото на починатата Гинзберг, да се бира по изборите
Демократскиот кандидат на американските претседателски избори, Џо Бајден, вчера побара од американскиот Сенат, во кој доминираат републиканците, да не се изјаснува за новиот кандидат на Врховниот суд пред претседателските избори.
Бајден планот на сегашниот претседател и негов противкандидат, Доналд Трамп, за избор на судија го оцени како израз на „сурова политичка моќ“.
-Намерата на претседателот пред изборите на 3 ноември да назначи личност која ќе ја замени починатата Рут Бадер Гинзберг, едноставно е да оствари сурова политичка моќ, рече Бајден во предизборниот говор во Филаделфија.
Британските медиуми проценуваат дека номинацијата на кандидатот на Трамп пред претседателските избори, доколку биде поддржана од Сенатот, ќе го „зацементира“ конзервативното мнозинство во Врховниот суд. Покојната судијка Рут Бадер Гинзберг беше истакнат либерал. До нејзината смрт, односот во Врховниот суд беше 5: 4 во корист на конзервативците.
Според британските медиуми, ова може да влијае на американските закони и живот во следните децении, имајќи предвид дека мандатот на судија на Врховниот суд е доживотен.
Бајден рече дека доколку победи на изборите, ќе мора да има шанса да предложи нов судија на Врховниот суд и повтори дека ќе номинира афро-американка, што ќе биде преседан во Врховниот суд на САД.
Анкетата на агенцијата Ипсос на целата територија на САД по објавувањето на смртта на судијката Гинзберг, доведува до заклучок дека многумина Американци не се согласуваат со планот на Трамп.
Анкетата покажа дека 62 проценти од Американците се согласуваат дека победникот на претседателските избори треба да го пополни Врховниот суд, додека 23 проценти не мислат така, а останатите не се сигурни.
Според анкетата на Ипсос, 80 проценти од демократите и 50 проценти од републиканците се согласуваат со одложување на постизборното назначување.