Бах и Шопен во џез варијанта и во Скопје? Зошто да не?
Ова, 44. издание, синоќа, во Националната опера и балет, стартуваше без вообичаени црвени килими и присуство на телохранители, без поддршката на американската амбасада, ама со значајна поддршка од Министерството за култура ( и со присуство на министерот Љутков)
Почна омилениот фестивал на Скопјани, подалеку од политика и смрад од ѓубре, со урбана публика, каде по традиција се доаѓа да видиш, да бидеш виден, со грижливо конципирана богата програма, втемелена на ексклузивноста, актуелноста и современиот џез .
Скопски џез фестивал за многумина од нас „е неколку дена чувство дека живееме во нормално општество и држава, на фестивалот си гостин и домаќин во едно. Обично се збогатуваш музичко и културно, откриваш нова музика која најчесто ти го штима музичкиот вкус се до следниот Џез фестивал. Покрај тоа учиш за, меѓутоа учиш и од музиката, зашто џез музиката обично со себе носи порака, порака за слобода, ослободување, вклучување и грижа за другиот“, што би рекол фотографот Мите Кузевски.

Да не повторуваме кое е неговото значење за ширењето на светската култура во главниот град и етаблирањето на Скопје на европската џез сцена. Би Би Кинг, Том Зе, Џемс Браун, Реј Чарлс, Орнет Колман, Џон Зорн, Касандра Вилсон, Грегори Портер и уште неколку десетици имиња се на листата музичари кои на македонската публика низ годините и претставија парче од својот џез талент и харизма.
Во своето над четиридецениско работење, СЏФ на пиедестал ги стави и ги отвори прашањата околу женските права и жените музичарки, ги поттик(нув)а младите музичари да творат џез, ги поддржува македонските музичари преку својата дискографска продуцентска куќа, а последниве години се вклучи и во поддршката на бегалците.

Ова, 44. издание, синоќа, во Националната опера и балет, стартуваше без вообичаени црвени килими и присуство на телохранители, без поддршката на американската амбасада, ама со значајна поддршка од Министерството за култура ( и со присуство на министерот Љутков). Има една споредба ако направиме со Џез фестивалот во минатото кога политичарите се тепаа, кој ќе седне на подобро место, кој ќе дојде на повеќе концерти на Џез фестивалот. Денес, сликата е обратна, една комплетна незаинтересиранот и индолентност кон фестивалот од страна на политичарите. Не знам дали тоа е добро или лошо за организаторот и љубителите на џезот.
44. СЏФ стартуваше и необично, со Бах и Шопен во џез варијанта, во изведба на ветеранот, полскиот џез пијанист/композитор Анджеј Јагоджински, со неговото трио со басистот Адам Чегиелски и тапанарот Чеслав Бартковски, облечени во црно, и со пригушено светло на сцената.

Свирењето на Бах од џез музичари, секако, не е ништо ново, (тврдат џез експертите м.з.), а романсата датира од почетокот на 1960-тите, кога францускиот пијанист/композитор Жак Лусие направи голема кариера џезирајќи ги композициите на Бах за публиката, а многу други џез музичари оттогаш се обидоа да се справат со оваа задача, вклучувајќи ги Кит Џарет и Бред Мелдау, со различни резултати. Музиката на Бах, која несомнено е еден од апсолутните врвови на човечката уметничка генијалност, во повеќето случаи најдобро се служи ако е оставена сама во својата оригинална форма и облик, со ретки исклучоци.
Но Јагоджински и неговото трио, беа подготвени за предизвикот успешно да ја трансформираат Баховата музика во НОБ, благодарејќи на нивната голема чувствителност, талент и секако богато искуство. Тие успеваат да избегнат тривијализирање на оваа голема музика, задржувајќи го оригиналното чувство за проток, мелодија и ритам недопрено, и додавајќи џез орнаменти со внимателно почитување на оригиналните композиции. Ова не е сосема изненадувачки земајќи ги предвид возвишените џез-ориентирани интерпретации на музиката од полскиот национален композитор Фредерик Шопен, кои Јагоджински и неговите соработници успеаја да ги создадат во минатото, а синоќа ја слушна и македонската публика.

Изведбите беа одлични, како што се очекуваше, и иако пијаното е природно во епицентарот на соничното искуство, ритам-секцијата исто така придонесува со некои одлични делови, кои заслужуваат не помалку восхит. Лично, слушаме малку Шопен на овие интерпретации на Бах, што повторно не е изненадувачки, бидејќи музиката на Шопен тече во крвта (или потсвеста) на секој полски музичар во секое време.
Јагоджински, образован во традицијата на полската музика, успеал како никој досега да спои две големи традиции: романтичната музика за пијано и џезот, обете сфатени како еден израз на неограничен изум. И во ова се наоѓа неговиот извонреден талент. Иако на прв поглед тие може да бидат оддалечени еден од друг, кога ќе ги запознаеме подобро, се чини дека тие имаат многу заедничко не само во музичка смисла, туку и во нивното чувство и дух.
Оваа музика е прекрасна во секоја смисла, и емоционално и интелектуално, кој заслужува да го чуе секој вистински љубител на џез-класична фузија, следбеници на Бах и Шопен и ентузијасти за џез пијано трио низ целиот свет. Вистински еликсир за умот и телото во овие луди денови на страдања кај нас и во светот.
Јагоджински (1953) долги години предава на Џез одделот на Државниот музички комплекс во Варшава, а во 2005 во својата Полска го добива Gloria Artis орденот за заслуги во културата.
Фото: Татјана Ранташа
Американска доминација на Скопски џез фестивал 2025, ова е програмата