Баба (96) добила предупредување од дом за стари лица поради прегласни забави


Деведесет и шестгодишната американска инфлуенсерка Лилијан Дронијак, попозната на социјалните мрежи како баба Дронијак, тврди дека нејзиниот дом за стари лица се заканил дека ќе ја избрка поради гласните забави.

Лилијан редовно објавува хумористични видеа за секојдневниот живот, а една од нејзините омилени теми е дружењето и забавите.

Во едно од последните видеа, таа покажала писмо за кое тврди дека го добила од менаџментот на домот за стари лица.

„Ме бркаат од мојот дом. Токму го добив ова писмо. Пишува дека ќе бидам избркана ако не престанам да организирам забави“, рекла таа. Во писмото се наведува дека менаџментот добил бројни поплаки за бучава од нејзината соба.

„Забавите не се дозволени и не можете да им служите алкохол на другите станари. Ова е безбедносно прашање“, се наведува во предупредувањето.

Исто така, се додава дека безбедносните камери снимиле дека гостите ја напуштале нејзината соба околу еден час по полноќ, и дека повторувањето на слични инциденти би можело да доведе до ограничувања на користењето на заедничките простории или дури и до преиспитување на нејзиниот престој во домот.

Но, Лилијан не изгледаше загрижена.

„Плаќам 12.000 долари месечно за да живеам тука. Можам да се забавувам ако сакам“, рекла таа, додавајќи дека нејзините пријатели повторно доаѓаат да ја посетат, пишува LadBible.

„Ќе пиеме и ќе озборуваме. Не е забава, но може да биде гласно“, рекла таа.

Еден ден по објавувањето на спорното писмо, Лилијан повторно привлече внимание.

„Мамурна сум од синоќешната забава. Мојот дом за стари лица не може да ме спречи да се забавувам во последното поглавје од мојот живот“, рекла таа.

Лилијан Дронијак се преселила во дом за стари лица во 2024 година откако паднала и си ја скршила ногата.