Автопат од Призрен до Тетово е проект кој може да се разгледува во иднина, приоритет коридорите 8 и 10д


Илустрација (Фото: Б. Грданоски)

Автопатско решение од Призрен до Тетово е еден од патните правци кои може да се разгледува во иднина од кој нема да се откажеме, бидејќи на Балканот му треба модерна инфраструктура, но во моментов приоритетите кај нас и финансиските средства – буџетски и кредитни се наменети за патните правци од коридорите 8 и 10д како и за реализација на автопатот од Блаце до Скопје, прецизира денеска премиерот Димитар Ковачевски.  

-Со косовската Влада е потпишан меморандум за автопатско решение Призрен – Тетово, а имаме разговарано на ниво на министри и на експерти за патна инфраструктура. Иако приоритет ни се патните правци од коридорите 8 и 10д не значи дека со Владата на Косово нема и во иднина да разговараме за тоа автопатско решение. Потребно е да се направи физибилити студија и да се види економската исплатливост на тој пат како и поврзувањето со кое со завршувањето на 12-те километри на автопатот Блаце Скопје ќе имаме и модерно автопатско решение со кое преку Скопје и Приштина се поврзува и Призрен, а потоа и со албанската граница, рече Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на групацијата „Везе Шари“ заедно со министерот за економија Крешник Бектеши.

Нагласи дека во иднина сите земји од регионот ќе станат членки на Европската Унија и токму затоа, додаде, на регионот му е потребна инфраструктура како европската.

Како што посочи, за земјава приоритет е завршувањето на коридорот 8 на потегот од Тетово до албанската граница кај Струга. Втор приоритет е завршувањето на делот од коридорот 8 од Куманово до бугарската граница кај Крива Паланка каде веќе се гради експресен пат од Ранковце до Крива паланка и трета лента од Крива Паланка до границата со Бугарија. Трет приоритет е коридорот 10д кој е автопатско решение меѓу Прилеп и Битола.

-Тоа значи дека од коридорот 10 кој веќе постои и кој оди за Солун ќе може да се оди директно на граничниот премин Меџитлија преку новиот експресен пат кој се гради низ Фаришка клисура и проширувањето на Плетвар, појасни Ковачевски.

Прашан дали смета дека е избран како што треба надзорот на автопатиштата што ќе ги градат Бехтел и Енка откако Обвинителството веќе отвори предмет за надзорот  за изградбата на коридорите 8 и 10д, премиерот рече дека веќе одговорил на тоа прашање во текот на минатата недела на прес-конференција и вчера во одговор на новинарско прашање и на седницата на Собранието посветена на пратенички прашања.

-Изведувачот американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка се избрани со посебен закон во Собранието поддржан од сите пратеници, закон потврден од Уставниот суд. Надзорниот орган кој ќе врши надзор на најголемиот проект во историјата на државата е избран низ постапка во која се запазени сите законски процедури од страна на сите институции кои биле задолжени, предводени од Јавното претпријатие за државни патишта. Во постапката учествувале три компании и има една која е избрана врз основа на одредбите во тендерот. Спроведена е управна постапка и сите податоци се јавно достапни преку Бирото за јавни набавки, рече Ковачевски.

Со оглед на тоа дека се појавија информации за евентуални неправилности, доминантно од опозицијата, додаде, и тогаш и сега кажувам дека сите институции кои имаат надлежност треба да го проверат целиот проект.

-Тоа значи дека кажав и Јавното обвинителство да постапи за да се испитаат сите наводи, како и Антикорупциската комисија при што кажав дека сите документи и одлуки кои биле во надлежност на Владата во текот на изминатите месеци и години додека е подготвуван овој проект ќе бидат доставени до Антикорупциската комисија, посочи Ковачевски и додаде дека ги повикал владите на САД и на Турција да кажат дали некој од државава во текот на изминатите две години додека се подготвувал овој проект од нив или од некоја нивна компанија барал некакви средства.