Автобусите на ЈСП како меѓуградски – на некои линии паузираат и над 90 минути!
Како „малтретирање“ и „самоволие“, го оценуваат граѓани однесувањето на возачите на ЈСП откако на функцијата градоначалник на Скопје дојде Орце Ѓоргиевски. Ако се исклучат намерните опструкции на поранешната градоначалничка Данела Арсовска, оценката е дека во некои делови од денот градскиот сообраќај е полош од тоа време, а попладне не може да се нарече ни градски, бидејќи според временскиот редослед на автобусите повеќе функционира како меѓуградски – т.е. на некои линии автобуси доаѓаат по 30, по 90 па и повеќе минути! За тоа време од Скопје со „Визер“ може да се стигне до Будимпешта!
Она сепак што најмногу ги револтира патниците е непридруижувањето кон распоредот што сами го објавуваат, при што се најавуваат автобуси, а добар дел од нив не доаѓаат, или уште подрастично – доаѓаат на последната станица и веднаш еден по друг се исклучуваат, а чекаат толпи граѓани. Еден ден се правдаат со сообраќајка, друг ден дека имало гужва па премногу доцнат за да земат патници назад, трет ден дека доцнат и немаат дозвола да возат од диспечерите, при што се случува некогаш по четири автобуси да се паркираат на последната станица и да одмораат во термин кога според распоредот треба да возат. Притоа, ќе остане запаметена најуникатната најава на ЈСП – дека ако падне снег, ќе редуцираат линии, пред воопшто и да се случи тоа. Практично, во време на Арсовска немаше доволно автобуси или имаше опструкции, а сега има автобуси – но не возат, односно возат со проретчен распоред, за да одмораат, за да штедат бензин, за да си ги штедат автобусите или нешто измеѓу.
Освен што голен број од автобусите не се обележани соодветно, па едвај може да се сфати каде одат , на која релација и до која станица – како да е изум во 21 век да се закачи лист со бројка , граѓаните се жалат дека се почесто, па и пречесто, автобуси прескокнуваат станици, бидејќи им е поважно да ја завршат турата отколку да ги превезат патниците. Поради тоа доаѓа до чести кавги и нервозни препукувања со патниците, иако возачите ( според нивни кажувања) добиле инструкција да не влегуваат во конфликти.
Според сведоштво на патничка,м денес возило на ЈСП возејќи накај Аеродром не застанало дури на четири автобуски станици, вклучувајчи ја и нејзината.По се изгледа ремонт им треба не само на автобусите туку и на цело ЈСП, кое по толку децении не знае зошто постои – за да дојдат граѓаните навреме на работа, на факултет или дома, за да им се олесни животот, да се зголеми мобилноста, а со тоа и продуктивноста во компаниите. Да не се споменуваат притоа туристите за кои сигурно е невозможна мисија да откријат како да извадат билет, каде да извадат, како да се информираат за линиите бидејќи никаде нема опис на рутата, освен на македонски на веб страницата.
И додека во европските земји карта може да се плати на терминал директно со кредитна картичка, сите пензионери во Скопје мораа да дојдат до Железничка станица за да проверат од ЈСП дали ја преживеале минатата година или некој друг се вози на нивната привилегија. Најавата пак дека по полноќ нема да важат слободните карти се уште една уникатна иновација во компанија која уште не слушнала за билет со преместување, за дневна, неделна или викенд карта, па остава впечаток дека постои само за да граѓаните плаќаат слободна карта,а не за да обезбеди современ, редовен и брз градски превоз.