Австријците ја потврдија продажбата на деловниот центар „Соравија“, ќе задржат 10 отсто од акциите


Фото: Б. Грданоски

Австриската компанија „Хано Соравија“ (Hanno Soravia GMBH) во чиј состав е и бизнис центарот „Соравија“ во Скопје, преку соопштение до медиумите ја потврди продажбата на овој деловен центар во строгото централно подрачје на компанија од Албанија и на фирма од Скопје.

„’Хано Соравија’ ГМБХ , водечка инвестициска компанија со седиште во Австрија веќе 150 години, објави потпишување на договор за купување акции со ‘Пе-Вла-Ку Ш.П.К ‘(Pe-Vla-Ku Sh.P.K), реномирана компанија со седиште во Албанија, и ‘Тор индустри’ ДООЕЛ, истакнат деловен субјект од Северна Македонија. Во договорот е наведено дека ‘Хано Соравија’ ГМБХ ќе продаде 90 отсто од акциите во два нејзини клучни субјекти, „Соравија Инвест ДООЕЛ“ и „Соравија Менаџмент’“ ДООЕЛ, притоа задржувајќи 10 отсто од акциите“, се наведува во соопштението.

Притоа се посочува дека задржувањето на 10 отсто од акциите „ја покажува континуираната верба и посветеност на ‘Хано Соравија’ ГМБХ во растот на компаниите и потенцијалот на новото партнерство“.

„Тоа означува гласање за доверба во можностите и искуството во индустријата на ‘Пе-Вла-Ку Ш.П.К’ и ‘Тор индустри’ ДООЕЛ за да се поттикне траекторијата на компаниите“, се вели во соопштението.

Денеска македонските медиуми јавија дека овој деловен центар кој што се наоѓа во самото градско средиште, веднаш до Градскиот трговски центар, ќе биде продаден на фирма од Албанија и на фирма од Македонија, како и дека една од двете компании кои се дел од оваа зделка всушност е фирма на Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, лидерот на владејачката партија ДУИ.

Медиумите се повикаа на информација на Комисијата за заштита на конкуренцијата од 9 јуни односно за добиено известување дека бизнис центарот „Соравија“ се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“.

Инаку во соопштенито до медиумите, Хано Соравија, извршен директор на „Хано Соравија“ ГМБХ, вели дека се ентузијасти за новото партнерство, кое означува значајна пресвртница во нивната корпоративна историја.

„Уверени сме дека ‘Пе-Вла-Ку Ш.П.К’ и ‘Тор индустри’ ДООЕЛ се идеално позиционирани да преземете ги уздите и дополнително поттикнете го растот на „Соравија Инвест’ ДООЕЛ и ‘Соравија Менаџмент’ ДООЕЛ“, како и дека стратешкиот договор меѓу трите субјекти им овозможува на „Соравија Инвест“ ДООЕЛ и „Соравија Менаџмент“ ДООЕЛ „да пристапат до огромното искуство и мрежите на нивните нови сопственици, со што се олеснува поширок опсег на можности за раст на нивните соодветни пазари“.

Во соопштението се наведуваат и изјавите на претставниците од „Пе-Вла-Ку Ш.П.К“ и „Тор индустри“ ДООЕЛ кои посочуваат дека се желни да работат со динамичните тимови во „Соравија Инвест“ ДООЕЛ и „Соравија Менаџмент“ ДООЕЛ.

„Ние сме посветени на искористување на синергијата создадена од ова партнерство за да генерираме вредност и силен раст“, наведуваат во изјавата, при што се додава дека ова партнерство обединува спој на визии и стратегии од кои се очекува да го трансформираат пејзажот на индустријата, овластувајќи го секој заинтересиран „да достигне нови височини“.