АВМУ: Владата не ги почитува препораките на Брисел за независноста на регулаторот за медиуми


Агенцијата е непријатно изненадена од вчерашната одлука на Владата, да даде негативно мислење за Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година и да побара нејзино ревидирање поради тоа што не е усогласена со „другите стратешки документи за развој на оваа област“.
Со одлуката да даде мислење и да бара ревидирање, Владата, ги надмина своите надлежности и постапи спротивно на насоките од извештаите на Европската комисија за напредокот на РСМ и на препораките на Советот на Европа, за гарантирање на независноста на регулаторните тела во областа на медиумите. Имено, во клучната Препорака на Советот на Европа за независноста и функционирањето на регулаторните тела, јасно и недвосмислено се истакнува дека јавните власти не смеат да влијаат на независноста на медиумските регулатори. Основната цел на овие препораки е да се спречат токму ваквите упади на извршната власт во работењето на регулаторите.
Регулаторната стратегија беше доставена до Владата, до Собранието и до МИОА не за усвојување туку за да ги информира за тековните состојби во медиумската сфера, како и за активностите коишто Агенцијата ќе ги преземе во следните пет години, во насока на подобрување на одредени аспекти во сферата на медиумите.
Оваа стратегија не е неусогласена со, како што наведува Владата „другите стратешки документи за развој на оваа област“, имајќи предвид дека такви документи не постојат. Агенцијата, за да изработи издржана и квалитетна стратегија, во нејзиното изготвување ги вклучи пошироката експертска јавност, новинарските здруженија, граѓанските организации од сферата на медиумите, преку учество во бројните одржани состаноци и јавни расправи.
По вчерашната седница на Владата, од таму соопштија дека на барањето на Собранието на Република Северна Македонија, Владата на РСМ донесе одлука да даде негативно мислење за предлогот за Регулаторна стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година, предложена од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, со образложение дека предлогот не е усогласен со другите стратешки документи за развој на оваа област и достави мислење дека предложената Регулаторна стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност треба да биде ревидирана.