АВМУ потврди дека Наша ТВ бара промена на сопственичката структура
„АВМУ постапува исклучиво врз основа на надлежностите и во рамките на постапките утврдени со закон. Пред секоја промена на сопственичка структура на радиодифузер, тој е должен да достави известување за промена на сопственичката структура и воедно да достави соодветна документација. По приемот на известувањето, Агенцијата ја проверува документацијата и нејзината усогласеност со закон и во рок од 30 дена донесува одлука дали промената ќе биде одобрена или одбиена.
Законскиот застапник на Радиодифузното друштво Наша ТВ ДООЕЛ Скопје и Трговското радиодифузно друштво РФМ ДООЕЛ Скопје, достави барање за промена на сопственичката структура на 29 јуни. Заради целосно утврдување на сите факти и околности релевантни за предметите, како и обезбедување на сите информации потребни за законито, правилно и објективно одлучување, Советот на Агенцијата го продолжи рокот за одлучување за дополнителни 30 дена. Во овој период, Агенцијата продолжува со проверка на доставената документација и со прибирање на потребните информации од надлежните институции. Постапките по барањата се во тек.
Одлуките на АВМУ се носат врз основа на утврдените факти и исполнувањето на законските услови и прописи, а не врз основа на шпекулации, претпоставки или политички обвинувања.Затоа Агенцијата ги повикува политичките субјекти да не ја политизираат и да не ја користат работата на независниот регулатор за сопствени политички интереси“, велат од АВМУ.