Аудио-читачот за слепи лица „Хана“ сега е достапен и на албански јазик


Револуционерната алатка ќе им го олесни во голема мерка животот на слепите лица. За оваа апликација подготвена во Македонија има голем интерес во целиот регион

 

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска заедно со првиот заменик претседател на Владата Артан Груби денеска го промовираа аудио-читачот на  албански јазик наречен „Хана“, кој на слепите лица и лицата со оштетен вид ќе им овозможи пишаниот текст да го слушнат и разберат во аудио верзија. Оваа промоциј се одржа само неколку месеци по промоцијата на аудио-читачот на македонски јазик – „Кико“. Целиот проект, за кој има интерес и во регионот затоа што е пионерски во оваа област, беше направен со помош на УНДП. На промоцијата на оваа апликација присуствуваше и заменик-министерка за здравство и социјална заштита на Албанија Денада Сефери.

„Навистина беше предизвик изработката на една апликација која што ќе го олесни животот на слепите лица и лицата со оштетен вид во нашата земја. Кога зборуваме за концептот едно општество за сите, јас искрено навистина верувам во овој концепт, затоа што убавината на еден општествен мозаик ја прават  различностите. При креирањето на оваа апликација  тргнавме од она што претставува мото на лицата со попреченост „ништо за нас, без нас“. И токму затоа во креирањето на оваа  апликација за слепи лица и лица со оштетен вид активно беа вклучени и претставници од Националниот совет за слепи лица на Северна Македонија, а клучна беше и поддршка што ни ја даде УНДП“, рече Шахпаска, на промоцијата.

Таа истакна  дека аудио-читачот „Хана“ ќе може да го користат околу 5.000 слепи лица од регионот со мајчин албански јазик и тоа значи мостови за градење на пријателство меѓу соседите.

Вицепремиерот Артан Груби изрази големо задоволство затоа што на слепите лица и лицата со оштетен вид кои зборуваат на албански јазик, од денеска значително ќе им се олесни секојдневниот живот. „Заложбата на Владата на Република Северна Македонија е да создаде општество за сите, во кое сите ќе имаат еднаков пристап до образование, вработување, здравство и еднаква заштита од секаква дискриминација“, истакна Груби.

Аудио-читачот ќе биде бесплатен и достапен за сите корисници на Андроид системи под името RHVoice, мобилни телефони, десктоп компјутери или други електронски уреди.

Откако ќе се инсталира апликацијата RHVoice, потребно е да се одбере „албански“ на листата со јазици, потоа да се кликне „инсталирај“ веднаш до називот „Хана“.

Можноста за регионалната употреба на апликацијата „Хана“, ја поздрави и заменик министерката на Албанија, Денада Сефери. „Ваквиот тип на апликација е од големо значење за слепите лица во целиот регион“, рече таа.

Заменичката-постојана претставничка на УНДП, Сања Бојаниќ, рече дека во Конвенцијата на Обединетите нации за правата на лицата со попреченост, како фундамент на заложбите на ОН, јасно е дефинирано дека сите лица со попреченост мора да ги уживаат сите човекови прави, но во исто време таа и го заштитува достоинството на овие наши сограѓани.

При изработката на оваа верзија на читачот, активна улога имаат и членовите на Националниот сојуз на слепи кои беа и се вклучени во сите фази на реализацијата на проектот.

Користењето на аудио читачот како апликација е мултинаменска. Освен за слепите лица, производот ќе може да го користат и лицата со потешкотии во учењето, лицата со дислексија и сите оние лица кои информациите најдобро можат да ги разбираат во аудио формат.

На двете верзии од аудио-читачот работеше тим составен од ИТ експерти од американска компанија специјализирана за изработка на говорни синтези со искуство на изработка на вакви продукти за неколку говорни подрачја, поддржани од локален и регионален тим од филолози и лингвисти од реномирани институции.