Атрактивната археолошка туристичка понуда на Туркије збогатена со нови пронајдоци
Во 2024 година беа откриени дури 13 нови историски артефакти
Античка шопинг листа на мебел, која потекнува од бронзеното време и е пронајдена на ридот Ачана во Хатај, женска фигурина стара околу 7800 години, пронајдена во областа Кемал паша во Измир, глава на божицата на здравјето Хигија и обоени фигури на митолошкото суштество Скила од хеленистичкиот период, пронајдени во локалитетот Денизли, се дел од значајните археолошки пронајдоци, кои беа откриени во рамки на археолошките истражувања во Туркије во 2024 година.
Како резултат на интензивните вложувања во научни проекти кои овозможија активни истражувања на археолошки локалитети на територијата на Република Туркије, во 2024 година беа откриени дури 13 нови историски артефакти. Минатата година бројот на археолошки истражувања се искачи на 765, во однос на 720 во 2023 година, а се очекува нивниот број да достигне 800 до следната година. Новите археолошки пронајдоци се од исклучително значење за светската археологија, а истовремено будат огромен интерес кај туристите.
Меѓу новите археолошки пронајдоци откриени во 2024 година е и печатот од Кутахија, стар 4000 години, кој е прв пример на цилиндричен печат од фајанс од периодот на асирските трговски колонии. Во рамките на подводните ископувања кај Анталија, најдена е минојска кама, прва од ваков вид пронајдена надвор од Крит. Во Ајдин е пронајдена античка глава на Зевс, која датира од 2 – 3 век од нашата ера, а во Муш се пронајдени врвови од стрели од легендарната битка кај Манцикрет, која се одиграла во 1071 година, кога Турците ја поразиле византиската војска. Интерес побуди и откривањето на речиси 21 килограм карбонизирани земјоделски култури во областа Афишин во Кахраманмараш.
На долгиот список на нови артефакти е и првиот приказ на животно во движење пронајден во Шанлиурфа. Оваа извонредна статуетка прикажува диво магаре што трча и претставува уникатен пример од праисториската уметност. Во античкиот град Мира во областа Демре во Анадолија археолозите открија уникатни панели за внатрешна декорација изработени во античката техника „милефиори“ (илјада цвеќиња), а ваков вид на декорација е за прв пат откриена на територијата на Туркије. Во областа Карс, во урнатините Ани, локалитет кој е заштитен од УНЕСКО, откриен е средновековен објект со складиште за храна, со осум конусни садови со висина од 1,5 метри и дијаметар од 50 см, а во Ван е откриена воена опрема од асирското кралството на Урарту.
И во 2024 година, археолошките локалитети беа високо на листата на приоритети на туристите. Најпосетувани археолошки локалитети во Туркије лани беа античкиот град Ефес, археолошката локација Денизли Хиераполис или Памук кале и археолошкиот локалитет Невшехир Гереме во областа Кападокија, позната по „самовилските оџаци“.
Во насока на креирање на разновидна туристичката понуда, Туркије продолжува да инвестира во нови археолошки истражувања што ќе го зголемат интересот кај туристите, но истовремено работи и на развој на модели кои ќе ги пресретнат потребите на туристите, создавајќи услови за одржлив туризам.