Атина се надева дека набргу ќе се свика меѓувладината конференција со Македонија


Надеж дека набргу ќе свика првата меѓувладина конференција ЕУ – Северна Македонија, како и поддршка за европската перспектива на нашата земја, но и на останатите од регионот, изрази портпаролот на грчкото МНР Александрос Папајоану на денешниот брифинг со новинарите. Додаде дека интеграцијата на Западен Балкан, за Атина, е пат  во една насока, бидејќи е „во интерес на стабилноста, безбедноста и просперитетот, како на регионот, така и на Грција“.

-Грција ја подджува интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија, со исполнување на познатите услови и се надева дека најбргу што може ќе се свика првата меѓувладина конференција ЕУ- Северна Македонија. Би сакал да истакнам дека континуирано и интензивно работиме, заедно со други земји членки на Унијата, како што се Романија, поранешната земја претседавач Португалија и сегашната земја претседавач Словенија за зајакнување на европската перспектива на Западен Балкан, истакна Папајоану.

На прашањето на дописничката на МИА од Атина, за детали околу овие активности и дали во овој контекст се планирани конкретни иницијативи, портпаролот на грчкото МНР, објасни дека Грција, лани во јануари го покренала прашањето Западен Балкан одново да се најде на агендата на Унијата, додавајќи дека во мај првпат се дискутираше по пауза од една-една и пол година и сега со словенечкото претседателство одново било потенцирано конкретното прашање во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан.

-И за време на посетата на Северна Макдонија, Дендиас, јасно повтори дека ја поддржуваме европската перспектива. Тоа беше едно од основните теми за кои Дендиас разговараше со сите негови соговорници во Скопје.  Секако, рековме дека ние сме подготвени да продолжиме да ѝ помагаме и ѝ да нудиме на Северна Македонија било каква техничка помош во нејзината европска перспектива. Ова е нешто што со задоволство беше прифатено од Северна Македонија. Им рековме дека сме на ваша страна, сакаме да ви помогнеме, да продолжиме со помошта, која е од 2012 година, рече Папајоану.

Говорејќи за посетата на шефот на грчката дипломатија на Скопје, портпаролот на Министерството за надворешни работи на Грција рече дека станало збор како за билатералните односи, така и за Договорот од Преспа.

-Во Скопје, детално беа разгледани билатералните односи во целина, како и перспективите за нивно дополнително зајакнување. Секако од грчка страна беше потенцирано дека целосното, доследното и со добра волја спроведување на Договорот од Преспа е неопходен предуслов, како за зајакнување билатералните односи,  така и на европската перспектива на земјата, истакна Папајоану.

Денешниот брифинг во грчкото МНР беше прв со физичко присуство на акредитираните новинари и странски дописници по пауза од неколку месеци.