Арсовски: Градот Скопје и општините да ја ревидираат својата улога во енергетската криза


 Градот Скопје и општините мора да ја ревидираат својата улога во енергетската криза. Владата ќе ги разгледа барањата, но во економска и енергетска криза, секоја институција мора да понесе дел од одговорноста. Така се демонстрира сериозен пристап и грижа за граѓаните, рече владиниот портпарол Душко Арсовски одговарајќи на новинарско прашање дали Владата ќе им помогне на општините и на Град Скопје за сметките за струја и греење.

-На Град Скопје и на општините им беше понудено разликата од актуелната до реалната цена за парно греење да се покрие од буџетот во висина од 80 проценти, а  со 20 проценти да учествуваат самите, што не беше прифатливо, рече Арсовски на редовната прес-конференција.

Во фокусот на Владата во енергетската криза, рече тој, е да им помага на граѓаните и на малите потрошувачи.

-Наша обврска е да го спречиме ценовниот шок и тоа беше направено – граѓаните се заштитени од превисоки сметки за електрична енергија. Дополнително, Владата со низа мерки обезбеди сигурност и стабилност во снабдувањето со топлинска енергија во главниот град, со целосно покривање од државниот буџет, додаде портпаролот.