Арсовска тврди дека отпуштените не доаѓале на работа, тие велат дека се жртва на политичко пазарење


Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска вели дека тоа што на некого не му е продолжен договорот, значи дека раководството не е задоволно од неговата работа. Конкретно за 33-те лица вработени во ЈП „Комунална хигиена“  на кои не им биле продолжени договорите кажа дека не си ги извршувале своите работни обврски, а најголем дел нив не се ни појавувале на работното место.

Кога станува збор за заканите кои таа ги добила во изминатиот период токму поради прекинувањето на договорот на овие лица, таа изјави дека тие се неприфатливи и не смеат да се дозволат во едно демократско општество. Според Арсовска, доколку некој смета дека овие лица треба да бидат поддржани за нивното непрофесионално однесување, треба јавно да излезе и да го каже тоа.

„Ние, својот мандат го имаме добиено од граѓаните, да им се испорачуваат најдобрите можни услуги и притоа да нема непродуктивни трошења на лица кои не си ги извршуваат своите работни обврски. На крајот, одговорноста за тоа дали работата се завршила како што треба или не е наша, а оние лице кои не доаѓаат на работа сметам дека треба да наидат на силна осуда во општеството“, рече Арсовска.

Таа кажа дека ваквите реформи ќе продолжат и во следниот период и порача дека одговорност ќе сноси секој што дозволил со години некој да зема плата, а да не се појавува на работното место.

Вработените пак порачаа дека Арсовска лаже и дека нивното отстранување е поради политички пазарења. Тие велат дека не е точно дека не доаѓале на работа, и тоа лесно може да се провери преку безбедносните камери и потписите за редовност.

„Сакаме да и соопштиме на пошироката јавност дека нашето отстранување е направено едноставно поради политички пазарења, а не поради нашата нерегуларност на работа, а уште помалку затоа што сме непотребни! Нашата присутност лесно може да се провери преку безбедносните камери и потписите во списоци за редовност на работниците, а што се однесува до електронскиот систем, не на сите им се даваат потребните картички за евидентирање токму за овие манипулации!

Сите работни места од нашето заминување ќе бидат пополнети со партиски послушници, затоа што тоа беше целта. Според законот за систематизација во Комунална хигиена, освен тие позиции што дополнително се ослободија од нашето отстранување, има уште многу други слободни позиции, што значи дека образложението на директорката дека сме биле нередовни и непотребни само ни го отвора законскиот пат да си го бараме нашето право! Оправдувањето за непродолжување на договорите за работа на 32-те работници за нас е уште погневно, навредливо, понижувачко и дискриминаторски, отколку самиот факт за непродолжување на договорите! Со земја која не им дава перспектива на младите, земја која кога правиш еден чекор напред,  те турка два назад, земја која сè уште работи со овој систем, не може да се оди во ЕУ“, стои во реакцијата на вработените.