На Арсовска не ѝ требаат приватните превозници, пак најави еколошки автобуси

Градоначалничката на Скопје изјави дека ако никој не се јавил на јавниот повик тоа кажувало многу што мислат приватниците за понудената работа


Фото: Б. Грданоски

 

Ќе се набавуваат нови, еколошки автобуси, најави на денешната прес-конференција градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, а градот може и без приватните превозници, смета таа.

„Град Скопје може и без приватни превозници, го организираме јавниот превоз, правиме реформа, а ќе влеземе во процедура и за набавка на нови еколошки автобуси, нешто што е поддржано и од Советот на Град Скопје за следната година“, рече Арсовска.

Таа денеска потенцираше дека Град Скопје објави јавен повик на кој сите домашни правни лица кои се превозници можеле да се пријават.

„Доколку не се пријавиле тоа многу кажува што се однесува до овој повик. Беа повикани да се јават на огласот како превозници домашните правни лица и да си ја работат оваа работа доколку ја сакаат чесно. Ако никој не се јавил тоа кажува многу“, рече Арсовска одговарајќи на новинарско прашање.

Во однос на долгот што Град Скопје го има кон приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“, а поради кој во ноември и декември минатата година имаше и протести и блокади на градот, Арсовска денеска рече дека Град Скопје нема никаков долг.

„Град Скопје нема никаков долг. Град Скопје издава дозвола за вршење на јавен превоз. Овие лица го прекршија тој договор. Доколку сакале да работат чесно имаа можност да се пријават“, рече Арсовска.

Според информациите на приватните превозници никој не се јавил на повикот на Град Скопје.

Инаку, додека се чека да почне постапката за нови, еколошки автобуси, жителите на главниот град мака мачат да стигнат на работа, во училиште, на лекар, на пазар. Веќе научија дека дел од редовните линии кои ги опслужуваа приватните превозници се редуцирани (место на 10 минути, автобуси по распоред има на еден час), но и тие не доаѓаат. Кога ќе дојдат пак, се преполни, затоа што речиси на сите постојки се собираат многу патници.