Арсовска: Оставка не давам, да сакаат резултати ќе престанат да ме блокираат
Во четврток на Советот на Град Скопје градоначалничката ќе престави нов план со решениеја - веќе предложениот, но дополнет со желбите на Мицкоски
По три години ВМРО-ДПМНЕ признава дека блокадата е организирана и оркестрирана токму од оваа политичка партија и нејзините советници на Град Скопје, оцени денеска на прес-конференција градоначалничката Данела Арсовска. Според она што го кажа, таа не е многу оптимист од средбата со премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко перински и смета дека целта и била – само да ја тргнат од себе одговорноста.
-Сакам да го цитирам Перински, дека генерален заклучок е дека нема комуникација помеѓу советничките групи во рамки на Градот Скопје. Добро е што Мицкоски се обиде да ги поправи грешките на неговите сопартијци, но за жал, сето тоа наликуваше на политички циркус само за добивање на политички поени. Јас не се натпреварувам за политички поени, рече Арсовска.
И покрај ваквите обвинувања таа во четврток ќе достави нов план со решенија за проблемите на Градот, дополнет со желбите на Мицкоски, бидејќи стариот не им одговарал. Најави дека целиот план ќе го презентира пред советниците истиот ден, нагласувајќи повеќепати дека проблем не се ни плановите, ни програмите, туку фактот дека нив треба да ги усвојат советниците, а тие не ги гласаат со години, па ги упати новинарите да ги прашаат и нив – зошто?
-Град Скопје не може ништо да исполни додека 45 советници не престанат да ги блокираат програмите што го прават со години, а Владата треба да си го подмири долгот од 8 милиони евра, порача Арсовска.
Да можела да ги оствари ветувањата од изборите без глас на советниците, тврдеше таа, тие досега ќе беа остварени, потенцирајќи дека се одбиваат и програми што 20 години биле добри за сите советници и гарнитури, а овде не поминуваат и притоа не се кажуваат ни забалешките.
– Вчера иако презентиравме план со конкретни мерки за состојбите, тие не го прифатија, побараа од нас нов план, а беа изненадени дека и тоа го прифативме. Состанокот траеше еден час, имаше детална разработка за сите прашања, за сите оние работи кои се блокирани. Како ги презентиравме работите, беа одбивани. Ќе видиме на кој обид ќе им се допадне планот. Некој ако сака да се покаже како лидер треба да си дојде со сопствен план. Не сакаме конлфикти туку сакаме да докажеме кој сака конфликтни решенија – рече Арсовска.
Според неа, советниците на ВМРО-ДПМНЕ или не креваат рака или ја напуштаат салата без свој коментар, а „својата работа да кренат два прста за 500 евра не ја работат“.
– Имав 45 личности предлог-советници кои на секој настап кога го презентирав тоа тие го кочеа, а претходно велеа дека ќе бидат гаранти на моите проекти. Има градоначалници кои имаат остварено само 2 отсто од програмите а велат дека оствариле 90 отсто, и никој не ги прашува каде се тие проекти. Тие сите имаат совети кои заедно им ги имплентираат одлуките уште од првиот месец од годината. Имаат буџети кои никој не им ги спори и расипува. А ние тука во Град Скопје се бориме со политички дилетанти“, рече Арсовска порачувајќи на новинарско прашање дека тоа што го бараат од неа (оставка) – нема да добијат.
На забелешката дека граѓаните се гушат во отпад и дека сега повторно ќе се прави план, кога ништо не е функционално таа вели:
– Надлежностите за ова да се изгласа не се во рацете на Град Скопје. Се сложувам со Перински. Јавните претпријатија не можат да вработат 120.000 луѓе ако таа програма не е помината на Совет на Град Скопје, тоа би било незаконски. Доколку ги слушаа моите планови сега ќе имавме и целосно нов возен парк. Нели ги ветуваше Мицкоски автобусите покрај мене? Во Скопје ме гласаа 45 советници, но тука во Советот не гласаат ништо. Да можев без нив, до сега градот ќе беше тип-топ. Го немам направено само она што Советот не гласа. Станав непопуларна градоначалничка откако ги фатив со рачињата во медот. Секој знае дека без овие програми не можете ништо да направите., порача Арсовска.
Околу набавката на автобуси Арсовска тврдеше дека исто така ја кочи ВМРО-ДПМНЕ, со оценка дека секоја година да набавувавме автобуси досега ќе имавме 150.
-За жал на вчерашната средба рекоа нема пари во Буџетот. Можеа да се одважат како Груевски и да купат автобуси. Но, тие не понудија ништо. Ми побараа нов план. Нема проблем, ние ќе правиме планови додека нив не им се допаднат – вели градоначалничката и додава:
– Проблемот за ЈСП е комплициран, пред се затоа што Владата има долг од 8 милиони евра што не си го плаќала, а други години имало дотации и од 15 милиони од централната власт. Но, сега 4 години нема никаква помош од централната власт и тоа во време кога имаше енергетска криза и зголемени беа цените на реагенсите. На прашањето зошто чекала две години за средба со власта и со советниците таа вели дека секогаш кога на состаноците ќе се усогласат ставовите, на Совет на Град Скопје се прави спротивното.
Запрашана дали ќе бара втор мандат таа рече дека политички аспирации нема и дека единствено што сака е проектите што ги ветила да се остварат. На дилемата, пак, зошто не излезе на прес конференција со министерот Златко Перински вчера, таа рече дека од Владата одбиле заедничка прес конференција.
-Сакал сам да одржи прес конференција, може му е страв со мене, порача Арсовска. На новинарите исто така им порача „и да викате, и да се дерете нема да го смените фактот дека проблемите нема да се решат“, посочувајќи дека во четврток ќе се види дали оваа средба навистина е политички циркус и обид само да ја тргнат одговорноста за состојбите од себе.
-Ќе ви ги презентирам решенијата и за возниот ред, и за автобусите, и за јавната чистота, да беа искрени ќе речеа – да, ќе ги изгласаме.Место тоа, добивме порака – овој план не ни одговара, дајте друг!, рече Арсовска. Наедно, таа посочи дека во Општина Центар практично коалицираат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и имаат прекрасен градоначалник прашувајќи зошто не можат и во Скопје да го направат тоа во интересс на граѓаните, бидејќи, како што рече, во Градот ВМРО-ДПМНЕ се власт.
-Иам 45 советници кои земаат по 500 евра од седница. Да не постоеше Советот јас ќе бев најдобар градоначалник. Власт е претседателот Трајко Славевскка.
На прашањето зошто не е почната градбата на Пречистителната станица во Скопје таа вели:
– Прво две општини имаа застои во нивните ДУП-ови, тоа не е застој на Водовод. Тоа се Аеродром и Гази Баба кои требаше да ги донесат во нивните совети. Откако го направија тоа почна изработката на проектот, кој е сложен процес за кој требаат градежни дозволи. Тоа е исто да ме прашате дали Мицкоски утринава има платено некоја работа на некоја сметка. Не можам да давам паушални изјави за тоа за што немам конкретна информација. Можеме да ви испратиме извештаи од состаноците за станицата. Жал ми е што овој екокапитален проект меѓу најголемите во државата е во застој. Но, се работи за европски средства и за луѓе кои беа фатени со „рачињата во медот“, рече Арсовска.
Таа ги спомна притоа плановите што како градоначалничка ги доставувала до јавните претпријатија, а кои биле саботирани од Советот, како програма за вработување на 120 сезонски работници кои би се грижеле за хигиената во градот, како и за животна средина, за што рече, „ќе видите во ноември зошто не се донесе“. Од Градот предложиле и советниците да се состанат на вонредна седница на која би се изгласале програмите за работа на јавните претпријатија.
По прес конференцијата стигна реакција од прозваната партија. Советникот Мартин Стојановски рече дека жали што градоначалничката не ја прифатила помошта од ВМРО-ДПМНЕ и дека и од денешниот прес се гледа целата нејзина неспособност бидејќи повторно нашла причина за да се скара и да не го сработи она што е нејзина надлежност и одговорност. Токму затоа, вели, треба сериозно да се разгледа можноста за кривична постапка за Арсовска за неисполнување на законските обврски и надлежности согласно законите.
„Синхронизираното дејствување и изјави на Данела и СДС е повеќе од очигледно. Нема човек кој не ја препознава вистината. Ќе сториме се што е во наша моќ да ги коригираме нејзините испади, неработење и неодговорно и детско однесување. СДС ја киднапира Арсовска држејќи ја, и уценувајќи ја за криминални и неморални постапки. И сега како што СДС е измеќар на ДУИ, Арсовска е на СДС“, рече Стојановски во стилот на сите одбрани на оваа партија на која за се и се виновни во Бихаќка, а тие за ништо, иако ја донесоа Арсовска на власта, па ја блокираа околу исполнување на ветувањата што тие и ги напишаа во кампањата. или, како што напиша граѓанин на социјалната мрежа Х – имаат мнозинство во Советот на Град Скопје, ги контролираат управните одбори, ги контролираат јавните претпријатија и упорно тврдат дека Данела и СДСМ се одговорни. (Н.В.)