Арсовска до Ѓорѓиевски: Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот 


Ѓорѓиевски со Арсовска од март 2021 година, кога почнуваше генералното чистење на градот
Поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, по изјавата на актуелниот градоначалник Орце Ѓорѓиевски дека јавните претпријатија во главниот град должат повеќе од 300 милиони евра и дека 500 вработени се избркани, затоа што не доаѓале на работа, му порача дека: „Кога се лаже се држат рачињата во формација извежбана од медот“.
 
„Ајде градоначалник да ги објавиш сите фирми со долг по институција, со фактури и датуми од кога им се должи за да знае народ дека лажеш. Исто и со име и презиме да ги објавиш сите 500 вработени и кој од кога не одел на работа, и таму да се види дека лажеш. 3 години за корка леб сите кои одеа на работа ти ги избрка да направиш место за своите партиски војници“, пишува Арсовска на Фејсбук.
 
 
Таа го повика новиот градоначалник на дебата, на телевизија по негов избор, за да ги соочат аргументите.
 

„Ако сакаш како МАЖ да соочиш аргументи, ајде на дебата на ваш медиум по избор, па ќе си раскажеш таму и за долг и за вработени во Скопје и во Кисела Вода, каде што има кој да ти врати со факти наспроти твоето лажење“, вели Арсовска.

 

ВМРО-ДПМНЕ: „Колку е поблиску до правдата, толку повеќе Данела Арсовска ќе е бучна и нервозна“

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека, како што велат, колку поблиску е правдата, толку повеќе поранешната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, ќе биде „бучна и нервозна“.

„И посакуваме да се надмине себе си и да ги победи своите стравови и болки. Борбата со таквите демони не е лесна, и и посакуваме среќа. Исто како и со соочувањето со правдата за хаосот што го остави зад себе, кој е неодминлив процес“, се наведува во соопштението на партијата.

Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека граѓаните виделе дека „подобро и поинакво Скопје може да функционира“ и дека сите надлежни институции треба да се посветат на решавање на, како што велат, „цунамито кое го остави Данела Арсовска“.

Оваа реакција на ВМРО-ДПМНЕ следува по нејзината објава на ФБ во која бара од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски да ги објави сите фирми со долгови. Таа побара да се објави и списокот на сите 500 вработени, со име и презиме, и податок од кога не оделе на работа.

„Три години за корка леб сите што работеа ги избрка, за да направиш место за своите партиски војници“, му порача Арсовска, додавајќи дека наместо соопштенија и „ботови“, Ѓорѓиевски нека собере храброст за јавна дебата – на медиум по негов избор. објави Скопје1.мк