Арбен Фетаи веќе не е вицепремиер. Собранието ја констатира оставката
Собранието денеска ја констатира оставката на вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
Вицепремиерот Фетаи поднесе оставка на 1 јуни за што соопшти преку Фејсбук велејќи дека од функцијата заминува со крената глава и чиста совест.
„Ова е добро смислена одлука, донесена со уверување дека при околностите во моментот е најправедниот и најдостоинствен чекор. Во текот на овие две години имав чест и привилегија да ѝ служам на земјата придонесувајќи за реформи насочени кон зајакнување на одговорноста, транспарентноста и владеењето на правото. Им благодарам на сите што веруваа во мене, ме поддржуваа и соработуваа на ова патување. Дали сум целосно задоволен со постигнатото? Секако дека не. Секогаш има место за повеќе и подобро. Но, дали работев со најголема посветеност да поставам цврсти темели на кои може да се гради понатаму? Без двоумење, да“, наведе Фетаи.
Премиерот Христијан Мицкоски најверојатно неговото место ќе го пополни со најавената реконструкција на владата која треба да се случи до крајот на јуни.