Априлилили


ЛЕЈЛА САБИТ

Животот не е шега, ама денес ќе се шегуваме на своја или туѓа сметка, некого ќе изненадиме, некого ќе го разочараме, некому ќе му дадеме надеж, некому храброст, некого ќе направиме јунак, а некого лузер, некого ќе го вивнеме во облаците, а некого ќе го симнеме на земја……

Лошите моменти и одлуки, ги оставаме за утре и со позитивни мисли, расположение и насмевки и очекувања ќе си се пошегуваме и насмееме со најблиските, со најдалечните, со пријателите, со непријателите, тука и низ целиот свет, лично, преку порака или социјалните мрежи.

Денес некому ќе му биде априлилили, некому обичен ден, некому роденден, некому слободен ден, некому тажен ден, некому среќен ден, и во животот, и во работата и во Собранието.

Шегата па макар и црниот хумор е тука да ви помогне и кога е лошо да биде добро, и кога е грдо да биде убаво, и кога се чувствувате уморни, да ви даде енергија, и кога ви мислат лошо, да вратите само со добро, и кога не ви е до смеење, да уживате во досетките.

Шегата ви помага да се опуштите, да заборавите на реалноста, на болест, глад и немаштија, да заборавите на суетата, кој сте и што сте, туку што сте сакале, а што сте направиле, и кога не верувате во нешто- да верувате, иако некои работи во Македонија  се за неверување.

Некој не трпи шега, а сака да лаже, некој не прифаќа ништо освен вистина иако таа одвреме-навреме знае да заболи, некој е голем со висината, а мал во душа, некој е богат со пари, а сиромашен со дух, некој има , а не дава, некој нема –ама сака да помогне.

Во Македонија тенка е линијата меѓу лагата и вистината, храброста и кукавичлукот, патриотизмот и предавството, пофалбата и  навредата, интересот и можноста, ретко ќе сретнете луѓе со добар хумор, те гледаат под око ако не знаеш да поднесеш хумор, ретко да нѝ се погодат вистински работи во вистинско време со вистински луѓе. Кај и да се завртиш, сè е политика, дневна и висока, од вистинска политика до муабет со комшиите.

За априлилили како и за Нова година, дозволено е малите да бидат големи, големите да се вратат во младоста, сиромашните да бидат богати, богатите хумани, гладните најадени, најадените да држат диета, дотераните опуштени, опуштените дотерани.

Денес е априлилили, што чекате?