Апликацијата за следење на симптоми открива шест видови на Ковид-19


Важно откритие на британските научници: Групи симптоми кои укажуваат на сериозноста на инфекцијата со корона – од слични на грип па се до најтешки форми

 

Британските научници кои ги анализирале податоците од широко користената апликација за следење на симптомите на Ковид-19 откриле дека постојат шест различни типови на болеста од кои секој се одликува со група на симптоми, јави Ројтерс.

Податоците од апликацијата покажале дека инфекцијата со коронавирус е придружена со голем број на различни симптоми кои кај некои пациенти биле на ниво на обичен грип, додека други имале тешки симптоми или дури починале.

Според научниците од Кингс колеџ – Лондон, шест типа на болеста се директно поврзани со различна сериозност на инфекцијата и благодарение на нив тие можат да проценат кој од пациентите ќе има проблеми со дишењето или ќе му треба третман со кислород или респиратор.

Студијата, која сè уште чека рда биде рецензирана од други научници, опишува шест различни видови на болеста Ковид-19.

Слично на грип, но без треска“ – пациентите најчесто имале главоболка, губење на чувството за мирис, болки во мускулите, кашлица, болки во грлото, болка во градите.

Слично на грипот со треска“ – пациентите пријавиле главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, засипнатост, болки во грлото, губење на апетит и повишена телесна температура.

„Гастроинтестинална верзија“ – пациентите имале главоболка, губење на чувството за мирис, губење на апетит, дијареја, болки во грлото, болка во градите, но не и кашлица.

„Сериозно ниво еден – замор“ – пациентите имале главоболка, губење на чувството за мирис, кашлица, треска, засипнатост, болка во градите и силен замор.

„Сериозно ниво два – збунетост“ – пациентите имале главоболка, губење на чувството за мирис, губење на апетит, кашлица, треска, засипнатост, болки во грлото, болка во градите, силен замор, болки во мускулите и биле конфузни.

„Сериозно ниво три – абдоминални и респираторни проблеми“ – пациентите имале главоболка, губење на чувството за мирис, губење на апетит, кашлица, треска, болки во грлото, болка во градите, силен замор, збунетост, болки во мускулите, проблеми со дишењето, дијареја и болки во стомакот.

Пациентите кои страдале од некое од трите „сериозни нивоа“ најчесто завршувале со болничко лекување и им бил потребен третман со респиратор, посочиле истражувачите од Кингс колеџот.

Ваквите сознанија би можеле да им помогнат на научниците и на лекарите во процената на ризиците кај пациентите со Ковид-19 и да соодветно на тоа да ги планираат потребните болнички капацитети за поефикасно лекување.

„Ако петтиот ден од болеста знаете кој ќе има компликации, имате доволно време да интервенирате рано, да го следите нивото на кислород во крвта и да бидете сигурни дека добиваат доволно течности, вели д-р Клер Стивенс, една од учесничките во студијата.