Апелацискиот суд ја потврди пресудата – Стевчо Јакимовски доби една година затвор
Поранешниот градоначалник на Карпош и претседател на партијата ГРОМ, Стевчо Јакимовски, сепак ќе треба да оди во затвор.
Апелацискиот суд ја потврди првостепената пресуда против Јакимовски, со која му е изречена казна затвор од една година за кривичното дело бесправно градење.
Како што соопшти Основниот кривичен суд Скопје, Апелација постапувајќи по жалбите на обвинетите и на Јавното обвинителство, донел пресуда со која ја потврдува казната за делото „Бесправно градење“. Во изречената казна ќе му биде пресметан и периодот поминат во куќен притвор, од 19 март до 15 август 2019 година. Тоа значи дека Јакимовски ќе треба да одлежи во затвор седум месеци.
Во однос на обвинението за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, жалбата на Јакимовски е уважена и предметот во тој дел е вратен на повторно судење. Според Судот, со оглед дека делото се однесува на периодот од 2011 до 2017 година, а предвидената казна е од три до пет години затвор, постои можност застарувањето да настапи во текот на 2027 година.
Апелациониот суд ја укинал и условната осуда за обвинетиот Т.Ѓ., а предметот и во овој дел е вратен на повторно постапување.
Од Кривичниот суд информираат дека предметот ќе биде распределен кај нов судија, бидејќи судијата кој досега постапувал повеќе не е дел од Одделот за организиран криминал и корупција. Потврдениот дел од пресудата ќе биде доставен кај судија за извршување санкции.