Апелација ги потврди казните за убијците на ракометарот Тот


Апелација ги потврди казните на сите осудени за убиството на Денис Тот. Првообвинетиот Анџело Ѓорѓиевски и второобвинетата Клементина Лефковска треба да одлежат по 18 години затвор, додека ма третообвинетиот Андреј Костовски му е потврдена казната затвор од 16 години. Преиначување има само во делот на износот на нематеријалната штета, кој треба да се исплати кон семејството на убиениот Тот.

„Апелациониот суд Скопје донесе пресуда со која жалбата на обвинетиот А. Ѓ. е одбиена како неоснована, а жалбите на обвинетите А. К. и К. Л. се делумно уважени на начин што пресудата на Основниот кривичен суд се преиначува и во однос на досудениот износ на име нематеријална штета и обвинетите се задолжени, солидарно, на мајката на починатиот Денис Тот, Т.Т., да ѝ исплатат 4.000.000 денари. Идентичен износ ќе треба да му се исплати и на И.Т., татко на починатиот, а на Б.Т., брат на покојниот, досудена е исплата на име нематеријална штета во висина од 3.000.000 денари. Во согласност со пресудата, при исплатата ќе биде пресметана и законска казнена камата од денот на донесување на првостепената пресуда“, велат од скопска Апелација.

Пресудата за Денис Тот од Кривичниот суд беше изречена во ноември 2022 година. Судијката Елена Илиевска-Јосифовиќ изрече високи затворски казни за тројцата, тогаш осомничени, сега правосилно осудени за убиството на Денис Тот.

Обвинетите негираа вина за делото убиство. Тие бараа да им се суди за тепачка. Тврдеа дека немале намера да го убијат Тот, ниту умисла. Судскиот процес траеше два и пол месеца.  На судењата беа сослушани многубројни сведоци на настанот, како и вештаци. Клучни беа и снимките од видеонадзорот како од клубот пред кој Тот беше убиен така и снимките од градските камери.

Денис Тот беше убиен во април годинава пред скопска дискотека. Во јавноста се рашири видео од тепачката пред дискотеката, на кое се гледа како обвинетите го удираат Тот, тој паѓа на асфалтот и останува без значи на живот.

Од април минатата година за неговото убиство во притвор се 28-годишниот Анџело Ѓорѓиевски, 19-годишната Клементина Лефковска и 22-годишниот Андреј Костовски. Обвинителниот акт беше поднесен на крајот од јули 2022 година.