Апасиев: Во Владата ќе седат правници, доктори, спортист и глумец – Сите сте глумци!


Фото: Б. Грданоски

Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев денеска од собраниската говорница изјави дека ја прочитал програмата на новата Влада 2024-2028 и, како што рече, тоа се „најзалудно потрошени четири часа од мојот живот“.

-Зошто кога сте на власт сега да не ни ги прифаќаат амандманите со С. Македонија. Во три реда на пет места има Република Северна Македонија. Барем да се обидевте, како ние, да протневте Република С. Македонија. Сте требале да додадете и едно „и“ и да биде Република Северина Македонија оти го изд**ивте народот за тоа што му ветувавте, кажа Апасиев, забележувајќи што идниот мандатар Христијан Мицкоски во поднесокот за нова Влада до Собрание, повеќе пати го споменал уставното име на земјата.

Апасиев речиси единствен од сите пратеници кои денеска се јавија за збор на седницата за изгласување состав на новата влада на ВМРО-ДПМНЕ, ги кометираше министрите предложени од Мицкоски.

Тој смета дека новата владеачка партија „става погрешни луѓе“ во ресорите.

-Секогаш кога ВМРО-ПМНЕ се на власт имаат најголеми влади – гломезна влада, африканска влада. Во неа имате голем број вицепремиери и само три жени.

Ги наброја министрите и според професијата правници, доктори, спортист, глумец…

– Сите сте глумци во Владата. Имате и еден косовски шпион во Владата и веднаш ќе му реферира на Курти, рече меѓу другото пратеникот од опозицијата.

Според него, во програмата има само десетина добри работи и сите се препишани од Левица.

Апасиев забележа дека во новата владина програма два пати се спомнува зборот работник, а ни еднаш синдикат, што пак за него е показател дека целата владина политика ќе биде посветена на заштита на богаташите, да го зачуваат и умножат богатството, а не за зголемување на плати и за нови вработувања. Потсети дека секој петти граѓанин е на работ на сиромаштија, но предложените владини политики, не содржат решенија за таа состојба.

-Се воведува „мицковизам“. Имате бугараши, бранковисти (секоја чест за бранковистите – додаде Апасиев), михајловисти, но од „Дража михајловизам“…, коментираше Апасиев на денешната собраниска седница за избор на новата влада.

Тој се зачуди и од обемноста на биографиите доставени од Мицкоски и другите предложени министри. Рече дека оној на Мицкоски е на 12 страни, но не гледа зошто наведувал какви научни трудови има изработено тој. „Што ни значи нам на пратениците?“.

Дополнително го критикуваше и Тимчо Муцунски, кој е предложен за министер за надворешни работи (тој пак имал биографија на девет страни), но Апасиев вели – тој што го бива, секаде го бива.

– Јас доаѓам од Аеродром каде што се вели: „Од Златко Марин полош е само Муцунски!“. Во 15 години што живеам таму општината понечиста не била – додаде Апасиев, па праша ако Муцунски не знаел да се грижи за општина, како ли ќе се покаже како шеф на дипломатијата?

Предложениот министер за дигитална транзиција Стефан Андоновски пак, му заличи на Бојан Маричиќ од СДСМ, како пандан од ВМРО-ДПМНЕ.

За министрите од ВЛЕН пак рече дека самите тие им ги кажувале криминалите, а сега ги предложиле за министри.