Апасиев не сака по втор пат да се изгори со поддршка на Силјановска
Отворено и по малку брутално лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денеска изјави дека не помислува да ги повика нивните поддржувачи да гласаат за Гордана Силјановска-Давкова во вториот круг на претседателските избори. Левица повика на поддршка за Силјановска во 2019 година.
Гостувајќи на емисијата „Стадион“ на Радио Канал 77 тој не спомена дека Стево Пендаровски ќе ја има нивната поддршка, ниту пак дека ќе препорача да се бојкотираат претседателските избори.
Апасиев рече дека наместо некаква коректна благодарност од ВМРО-ДПМНЕ тие добиле медиумска блокада.
„Ако се сеќавате, еднаш се изгоревме со поддршка на професорката Силјановска и вторпат нема таа грешка да ја направиме. Само што ја поддржавме, по моја проценка тоа беше контингент од 30 до 40 илјада гласа, кои што нè послушаа и, ако се сеќавате, Силјановска во вториот круг доби 60.000 гласа повеќе, Левица тогаш немаше сопствен кандидат и веднаш после тоа благодарноста од ДПМНЕ стигна со тоа што мене ми забранија да гостувам во нивната партиска телевизија и веќе петта година не ми пренесуваат изјава“, рече Апасиев.
Во неколкуте објави на Фејсбук и кандидатката за претседател на Левица, Билјана Ванковска, искажуваше сосем различни ставови од Силјановска, во чиј изборен штаб беше во 2019 година. Особено по личните напади врз Пендаровски во телевизиските дебати, како што тврди таа, и изјавата на Силјановска дека Кина ја познавала по книгите на пистелката Перл Баки од пред сто години, Ванковска рече дека нема да гласа за неа. Ванковска во првиот круг на изборите доби 41.000 гласови.
Апасиев е убеден дека цензусот за претседателските избори ќе биде исполнет.