Апасиев му се закани на Џафери: Ако барате војна, ќе добиете…
Пратеникот на Левица, Димитар Апасиев, се закани со инциденти во Собранието ако се одржи седницата на Комисијата за политички систем за измените на Законот за лична карта. Причината е што претседателот на Собранието, Талат Џафери, ги одбил амандманите на партијата, инаку над 1.500, со изговор дека се неуредни.
– Амандманите на пратениците на Левица на Законот за лична карта „исчезнале“ при преносот од собраниската архива до кабинетот на Џафери!? Дечки, се врти колцето бе. Утре вие ќе бидете опозиција, а ние власт. Ондак, ќе ви поставиме канти у ходник и сами ќе си ги фрлате. Ич да не се мачиме, се закани Апасиев.
По две одложувања, седницата на Комисијата е презакажана за понеделник до кога треба да се расчисти прашањето – смее ли Џафери на тој начин да враќа амандмани?
Седницата на работното тело требаше да почне во 10 часот, во салата Борис Трајковски па беше презакажана за 14 часот во салата број 6, каде не е можно присуство на новинари.Околу еден час пред закажаниот термин, на пленарна седница пратеникот Апасиев најави инциденти ако се одржи седницата на Комисијата.
– Имаме поднесено 1.500 или 1.800 амандмани. Сме ги поднесувале грижливо, точно согласно Деловникот. Известени сме дека не се проследени. Се обидете ли да направите шверцерат, ви кажувам пратете обезбедување таму бидејќи ќе ја правиме големата магија ептен денеска. Значи, пратете обезбедување бидејќи комисија нема да има, еве ви кажувам. Чим барате бал, ќе добиете маскенбал. Ако барате војна… не може само за великоалбанскиот шовинизам да има право на амандмани во ова Собрание. Не може. Не може Алијанса и за Алтернатива да имаат, Левица да нема право на амандмани, се закани Апасиев. Неговите приврзаници на социјалните мрежи повикуваа на нов 27 април.
По настапот на Апасиев, седницата на Комисијата за политички систем закажана за 14 часот се презакажа за во 15:30 часот, во салата број 6 каде новинарите практично немаат пристап. Така, од членови на Комисијата се дознава дека седницата е повторно одложена за понеделник.