Апасиев до пратениците од албанските партии: Памет во глава


Во друштвото на новото парламентарно мнозинство почнаа со пораки како да се однесуваат оние што се потпишаа на иницијативата за изгласување на недоверба на актуелната влада. Димитар Апасиев, кој е камен за политичко сопнување zа трите албански партии, им порача на неговите колеги да имаат „памет во глава“ в четврток ако сакаат да ја симнат ДУИ од власта, не споменувајќи ги идеолошките точки околу кои има огромни разлики меѓу овие партнери. 

Во својот статус на Фејсбук лидерот на Левица напиша: 

„Ако пратениците на Алијанса, Алтернатива и Беса не ја искористат историската шанса в четврток да ја стават ДУИ во опозиција, тогаш на наредните избори (кога и да бидат) ќе бидат прегазени токму од ДУИ како шлепер жаба и никогаш нема да се повратат. ДУИ, од позиција на власт, ќе освои 18 пратеника, а тие – максимум 9.

Затоа, памет у глава – емоциите на страна и се гледаме на седница. Оти, политика е ШАХ“.

Дали ова е добар шаховски потег на Апасиев, со кој тој ги подучува албанските пратеници како да играат и каква тактика да преземат, ќе се дознае наредните денови и конечно в четврток. Дали тоа може да предизвика контра реакција на пратениците кои не можат никако да смислат да се најдат во истиот чамец со партијата која е против НАТО и ЕУ и која се залага за повлекувањето на признавањето на Косово?

Реакцијата на Апасиев следува откако пратеникот од Алтернатива, Скендер Реџепи, денеска изјави дека се залага за уривање власта, но и дека нема да го стори тоа по цена неговиот потпис во истиот ред и на истиот список со потписите на двајцата пратеници на Левица.

Раководството на Алтернатива заседаваше попладнево, но не донесе конечен став како ќе настапат нејзините четворица пратеници, вклучително и Реџепи, в четврток кога треба да се гласа за доверба на Владата. Портпаролот на партијата, Орхан Муртезани, рече дека најдоцна до среда Алтернатива ќе изгради конкретен став и дека тој ќе биде почитуван од сите пратеници.