Апасиев бара национализација на БЕГ
Национализација на БЕГ, побара преку фејсбук лидерот на Левица, Димитар Апасиев, откако неколку дена, компанијата не испорача доволно топлинска енергија за скопјани, па некои од нив се жалеа дека премрзнале.
Град Скопје веќе бараше да го преземе стопанисувањето на топловодната мрежа од сегашниот снабдувач „Дистрибуција на топлина Балкан Енерџи”, за што е формирано и претпријатие за дистрибуција на топлинска енергија и гас Градски енергетски систем (ГЕС). Меѓутоа, Регулаторната комисијата за енергетика (РКЕ) го одби барањето на Град Скопје и не издаде лиценца на ГЕС за вршење дистрибуција на топлинска енергија од градското јавно претпријатие.
По првичното негативно мислење на РКЕ, ГЕС поведе спор против оваа одлука. Според РКЕ голем е финансискиот ризик за државата затоа што „Балкан енерџи груп“ ја има концесијата за дистрибуција до 2023 година.
Во Скопје дел од граѓаните со парно греење се снабдуваат од три системи за централно греење БЕГ, ЕСМ-енергетика и Скопје Север кои функционираат одделно и самостојно носат одлуки за начинот на работа.
Цената на гасот на европските берзи енормно порасна и ја надмина границата од 1.000 долари за илјада метри кубни. Ова драстично зголемување на цената овие денови најмногу го чувствуваат граѓаните кои не добиваат соодветно греење, а снабдувачите велат дека го оптимизираат режимот на дистрибуцијата на топлинската енергија и го обезбедуваат законскиот минимум од 20 Целзиусови степени по домовите. Нивното барање за зголемување на цената беше многу поголемо од одлуката на РКЕ за дозволено поскапување на парното греење од 14 отсто.