Антикорупциска отвори предмет за анкетниот лист на Ковачевски
Државната комисија за спречување на корупцијата оформи предмет за проверка на вистинитоста на податоците од изјавата за имотна состојба и интереси на поранешниот премие а сега пратеник, Димитар Ковачевски, изјавија од комисијата за Радио Слободна Европа.
Во последната година од премиерскиот мандат, Димитар Ковачевски го зголемил својот имот за еден стан и една куќа. Ова го покажува споредбата на двата анкетни листа што ги поднел до Антикорупциската комисија – првиот кога стана премиер во јануари 2022 година, а вториот кога стана пратеник во јуни 2024.
„Постапувањето по предметот е во тек. Од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата се преземаат дејствија во насока на утврдување на фактичката состојба. По утврдување на фактичката состојба, ќе биде донесена одлука на јавна седница, која ќе биде објавена на веб страницата на ДКСК“, е наведено во одговорот од ДСКС за РСЕ.
Според новиот анкетен лист, Ковачевски поседува вкупно четири стана и една куќа. Еден од становите е во сопственост на неговата сопруга Елена. Пријавената вредност на недвижниот имот изнесува 365 илјади евра.
Ковачевски кога седна на премиерското столче во јануари 2022 година, во ДКСК пријави дека поседува недвижен имот вреден 248 илјади евра, што е за над сто илјади евра помалку од сегашната состојба.
Ковачевски вели дека го продал станот кој го поседувал од 2008-та година и дека со тие пари, како и со продажбата на автомобилот „Пасат“ купил помали станови во изградба.
„И наплатив дивиденда, која што ми беше ненаплатена дивиденда поради ковид кризата, од фирмата во која што имав акции порано, кои пред да станам заменик-министер за финансии ги отстапив и си ги повлеков средствата, си ја наплатив и дивидендата од 3,4 милиони денари, и со тие средства ги купив помалите станови, а тоа сѐ е пријавено во Антикорупциска“, одговорил Ковачевски за РСЕ.