Антикорупционерите бараат дипломатски пасоши, добила само претседателката


Фото: Б. Грданоски

 

Во минатиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ниеден од нејзините членови немаше дипломатски пасош, но сите нејзини сегашни членови бараат таков патен документ. Веројатно подобро да се борат против корупцијата.

Засега, како шти пишува „Сдк“ само претседателката Татјана Димитровска добила дипломатски пасош од Министерството за надворешни работи. Останатите шест членови доставиле барање и чекаат да видат каков одговор ќе добијат од МНР.

Димитровска во објаснувањето дадено во интервјуто на ТВ 24 рече дека тоа било нивно легитимно право затоа што биле избрани од Собранието.

„Побарани се дипломатски пасоши за членовите на Комисијата, обезбеден е само за мене како нејзин претседател. За другите членови нема ни одговор дали ќе има дипломатски пасош. Легитимно право е на секој член да си побара, има институција која ќе цени дали им следува“, рече таа.

Димитровска нема дилема дека на членовите на Антикорупциска им следува дипломатски пасош.

„Да, ни следува, по основа на функционер избран од парламентот. Пасошот не сме го побарале за злоупотреба за приватни цели, туку затоа што сме често поканети и на настани во други држави“, рече Димитровска.