Анкета на НДИ: ВМРО-ДПМНЕ пред СДСМ, Заев пред Мицкоски


 
Високи 64 отсто од граѓаните во Македонија веруваат дека земјата се движи во погрешна насока, а 52 отсто велат дека има назадување на демократијата. Популарноста на ЕУ опаѓа, но останува висока поддршката за НАТО, покажува истражувањето на Националниот демократски институт (НДИ).
 

Во анкетата на НДИ, спроведена во март и април годинава, а чии резултати се објавени вчера, македонските граѓани биле анкетирани на теми поврзани со демократијата, владеење, ковид-19, геополитика и дезинформации. Демократијата како систем на владеење ја преферираат 58% од граѓаните, но се скептични дека основните принципи како владеење на правото се достижни. На 56% од испитаниците квалитетот на живот им е поважен од демократските стандарди.

Нa прашањето „Дали нивото на демократија во земјата се влошува, исто е или се подобрува?“ 52 отсто одговориле дека се влошува, а 16 дека се подобрува. Гледано по партии, дури 81 процент од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ велат дека се влошува, а само 4 отсто дека се подобрува. Кај СДСМ, пак, 40 отсто сметаат дека се подобрува, а 31 отсто дека се влошува.

Поддршката за Европската Унија во земјата е намалена и иако 67% од испитаниците би гласале за членство во ЕУ, перцепциите за ЕУ се влошени, а 19% се против членството во ЕУ, процент кој во 2018 изнесувал 10%.

Поддршката за НАТО останува висока со 63% (64% во 2018), додека противењето на воениот сојуз се зголемило за 9% во однос на 2018, и сега изнесува 24%. Позитивното мислење за Турција, Русија, САД и Кина е зголемено во однос на 2018. Граѓаните имаат најдобро мислење за Турција (52%, зголемено од 42% во 2018)) и Русија (48%, кое се зголемило од 32% во 2018). Позитивното мислење за САД (43%) и Кина (38%) е намалено.

Во анкетата се опфатени и прашања за политичките партии, политичарите и гласањето на избори. На прашањето „Ако на избори излегуваат партии, а не коалиции, за која партија би гласале?“, 14 отсто се определиле за ВМРО-ДПМНЕ, 10 отсто за СДСМ, по 5 отсто за ДУИ и за Левица, 4 за Алијанса/Алтернатива.

Кога станува збор за доверба во политичарите, на врвот е Зоран Заев во кого веруваат 8 отсто од анкетираните, па Христијан Мицкоски со 5 отсто доверба, Стево Пендаровски и Димитар Апасиев имаат доверба од 4 отсто, а Зијадин Села и Али Ахмети по 2 отсто. Но, многу високи 50 проценти немаат доверба во никого.