Aнализа: Ако сегашната владејачка коалиција стане предизборна, ВМРО-ДПМНЕ има само 4 отсто шанса за победа
Ако се одржат сега избори во Македонија и ако владејачката коалиција на СДСМ настапи со една листа, а ВМРО-ДПМНЕ со актуелната коалиција, речиси нема сценарио во кое опозициската партија ќе победи на изборите за парламентот, сугерира анализата на Преспа институтот направена преку алатката за истражување и аналитика ЕлектоМетар.
Според истата анализа, која се заснова на бројни податоци од институциите, од релевантните агенции за мерење на јавното расположение и според трендовите и однесувањата на гласачите од 2013 година па наваму, во Македонија се гласа пред се за партија, со мало отстапување на претседателските избори и најмногу при изборот на градоначалниците каде што игра улога и личноста.
Така, анализата покажува дека трите водечки партии во Македонија, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ можат да сметаат на сигурни победи во 1.200 избирачки места од 3.480, односно на околу 300.000 сигурни гласачи, при што соодносот на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е – еден на еден ипол.
Анализата покажува исто така дека постои врска меѓу успехот на партиите и излезноста, односно дека таа не влијае на резултатите на ВМРО-ДПМНЕ кои освојуваат околу 300.000 гласови на изборите, но влијае на СДСМ, така што, колку е помал одзивот на гласачите, толку помалку гласови добива оваа партија. Тоа исто така не важи за ДУИ.
Според анализата, ако сегашната владејачка коалиција стане предизборна, ВМРО-ДПМНЕ има само 4 отсто шанса за победа.
Она што е интересно е дека анкетата покажала дека на излезноста не влијаат временските прилики или терминот, и дека досега влијаела само ковид епидемијата, и тоа не значително.
Во анализата има и споредба на анкетите со резултатите, при што заклучокот е дека најчесто кај ВМРО-ДПМНЕ тоа што се прогнозирало не соодветствувало со реалните гласови. Притоа, во анализата се вклучени анкети на пет најрелевантни агенции за испитување на јавното мислење кои користат научни методологии – ИРИ, НДИ, МЦМС итн. При користењето на оваа алатка испробани биле 14.000 сценарија и според наодите тешко е да се најдат такви што во оваа констелација гарантираат победа на ВМРО-ДПМНЕ, иако анкетите покажуваат значајно водство на оваа партија.
Анализата исто така покажува дека на изборите Левица тешко ќе освои повеќе од две пратенички места бидејќи гласачите ѝ се распрскани низ државата и не се концентрирани. За споредба да беа локалните избори парламентарни Левица ќе добиеше пет пратенички места со освоените гласови. Сепак, од Преспа институтот посочија дека во САД во 2016 година при ваквите мерења Хилари Клинтон како кандидат на демократите имала 93 отсто шанси за победа (реално таа освои повеќе гласови, но не електорски), а ги изгуби изборите.
Оваа анализа не содржи податоци какви би биле резултатите ако ВМРО-ДПМНЕ направи предизборна коалиција со три албански опозициски партии и евентуално со ЗНАМ или Левица. Оценката е дека албанските опозициски партии ќе инсистираат на уставните измени за да настапат заеднички на избори, а само 15 отсто од поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, според другата анкета на Преспа институтот од декември, прифаќаат Бугарите да се внесат во Уставот.
Така што, и да им донесе таквата предизборна коалиција гласови, може да им однесе други од тие што не сакаат уставни измени и би биле разочарани, при што проценките се дека ВМРО-ДПМНЕ може во таков случај да изгуби околу 30 отсто од потенцијалните гласови.
Анализата генерално покажува дека не постои сценарио во кое некоја коалиција би освоила 80 пратеници, т.е. двотретинско мнозинство во парламентот. (Н.В.)