„Анима мунди“ бара вештачење на камерите во ЗОО Скопје


Здружението за заштита на животните „Анима мунди“  е згрозено, но не и изненадено од трагичната смрт на трите копитари во Зоолошка градинка Скопје. И овој пат, велат од здружението, не остануваат без осуда кон оваа институција која што низ годините единствено што докажала – е некомпетентност да одржува во живот животни чије место не е позади решетки.

„Неприфатливо е  исклучително ретки животни на раб на истребување, безумно  да завршат во субстандардна зоолошка во Македонија – која патем го загуби и кандидатскиот статус за членка на Европската асоцијација на зоолошки градини и аквариуми (ЕАЗА) – и да умрат едно по едно во ист ден“, велат од „Анима мунди“.

Велат дека е скандалозно што досега официјално раководството се нема произнесено за ништо. „Анима мунди“ објасни дека досега не реагирала со цел да се добие појасна слика за она што се случило, но добиле индиции  дека во ЗОО Скопје работи таков кадар што е можно и самиот да ги убил, односно отрул животните.

„Се укажува на можноста вработени поединци сами намерно да одлучиле да ги убијат коњите“, велат од „Анима мунди“.

Здружението побара итно да се вештачат снимките од сите камери во ЗОО Скопје, а доколку изостанува видео надзор во институцијата, најстрого да се казни раководството. Бараат информација дали и колку од ветеринарните лица во ЗОО Скопје се доктори специјалисти за лекување на диви животни, доколку  воопшто има такви.

Повикаа на итна надворешна и независна истрага, аутопсија која не би можела да биде лажирана, го повикуваат донаторот на трите коњи  да ја обезбеди обдукцијата финансиски, за да се превенира во најмала рака и други „донирани“’ животни да завршат на овој начин, во оваа недојдија. Бараат мораториум на внес на нови животни.

„Дивите животни не се украс, атракција и експонати туку живи суштества и со третманот кој што го добиваат во зоолошката градина се единствено изложени на стрес, страв и страдање, неприродни за природниот хабитат од кој примарно потекнуваат. Склони се на самоповредување, бавно умирање, тешка депресија“, велат од „Анима мунди“.

До граѓаните порачуваат да не поддржуваат и да не посетуваат животни зад решетки.