Аница Добра на Синедејс: „Сите плачевме кога го снимавме “Бело се пере на деведесет”
Славната српска актерка истакна дека ова не е женски филм, иако зборува за жените, туку е филм за сите нас
Аница Добра , како некогашен симбол на убавина и актерка по која воздивнуваше цела поранешна Југославија, синоќа, привлече најмногу внимание на македонската премиера на словенечкиот филм со регионална копродукција “Бело се пере на деведесет” на 24. Фестивал на европски Филм Синедејс, а всушност, денес, на официјалната прес-конференција во МКЦ откривме дека во филмот, снимен по автобиографски роман, глуми и словенечкиот актерски крем де ла крем. Сите беа едногласни дека филмот е трогателен, инспиративен и на моменти проткаен со хумор и никој нема да го остави рамнодушен.

Добра (62), која и денес плени со свјот изглед и елоквентност, во филмот фрапираше со нејзината трансформација во улогата на бабата Дада која го држи семејството заедно во сите животни предизвици низ ликот на Броња која ја глуми маестрално словенечката актерка Леа Цок – справувањето со смртта на нејзините мајка и брат, како и сопствената битка со ракот.
„Ниту моето семејство не ме препозна како Дада од филмот“, рече денес Добра, и потенцира дека со месеци се подготвувала за улогата, и физички и ментално, според фотографијата од вистинската баба на Броња.

Добра истакна дека ова не е женски филм, иако зборува за жените, туку е филм за сите нас.
– Ние не се трудевме да правиме спектакл. Немаме доволно пари, искуство, а ни потреба. Ние не се занимаваме со спектакл, туку со микрокосмосот на едно семејство, кое не е многу различно од кое било семејство на овие простори. Тоа нешто не поврзува и сите може да се препознаеме. Тоа семејство и таа приказна колку е обична, толку е и искрена и претпоставувам затоа е толку силна, изјави Добра.
Посочи дека во филмот има доста хумор, кој не служи да се смее човек, туку да ја нагласи драмата.
– Сплетот на драма и хумор ја прави оваа приказна така препознатлива, потенцира Добра.
За Аница Добра, фасцинантен бил кастингот кој се одржувал во кујна како во 1980-тите и многуте наречја на словенечкиот јазик кој почнала да го учи, а не го зборувала претходно.
„Да го снимавме филмот уште неколку месеци, секако дека ќе го зборував“, рече денес позната актерка која живее и работи во Белград, ама е препознатлива и по улогите во германски филмови.

Како ја добила улогата?
„Алеш ми се јави и ми рече дека ќе ми прати сценарио, но не ми кажа за што се работи во него, не ми кажа ништо. Се договоривме да се слушнеме за два дена. Јас го прочитав сценариото веднаш и не му се јавив за два дена, поминаа шест. Го доживеав многу емотивно, и се плашев дека кога ќе му се јавам, ќе почнат веднаш солзи да ми течат. Кога се охрабрив да го побарам, имав среќа што тој беше на некој прием и не можеше да зборува. Солзите потекоа, и следниот пат кога се слушнавме му реков колку филмот за мене ќе биде голем предизвик“, рече Аница Добра.
На прес-конференцијата денес зборуваа и копродуцентот од Македонија, Томи Салковски од продукцијата „Црна Мачка“, продуцентот од Словенија, Алеш Павлин и словенечката актерка Леа Цок .

Актерката Леа Цок изјави дека првпат е во Скопје и додаде оти многу и се допаднале градот, луѓето и храната. Таа потенцира дека улогата во филмот ја научила да се запознае себе, да разбере дека сите имаме некои предизвици во животот и оти тоа не е казна, туку прилика да се запознаеш себе си, да се запознаеш колку си силен, посилен отколку што мислиш.
„Некои плаќаат тренери за личен развој за да сфатат кои се и какви личности се, јас со овој филм тоа го добив бесплатно. Во основата е наратив за растењето, истовремено е и соочување со загубите и со болеста, и го доловува напорот за припитомување на стравот и на сето она што не сакаме да го видиме додека не се соочиме со него неминовно“, рече словенечката актерка Цок.

Продуцентот на филмот Алеш Павлин изјави дека имале тежок пат од адаптацијата на романот до сценариото.
– Навистина ми е драго, да не бидам патетичен, што ни успеа ваков филм кој ги поврзува луѓето и регионот, вели Павлин. Смета дека овој филм ќе остане долго и ќе стане словенечка филмска класика.
„Сакав да соработувам со Аница Добра, уште кога на еден филмски настан во Лесковац ми шепна дека мајка ѝ е Словенка. Не се надевавме дека младите ќе одат во кино да го гледаат, зашто за нив тоа е далечно и непознато време, но на син ми кој има 20 години му се допадна, така што се надеваме дека ќе го гледа и млада публика“, рече продуцентот Павлин и ги најави премиерите насекаде низ регионот и во Италија, каде се снимени некои од сцените. Досега во Словенија овој филм го погледнале над 50 илјади гледачи.
Во 2019 година, автобиографски роман на словенечката писателка Броња Жакељ ја доби престижната книжевна награда „Кресник“, и романот стана најпродаваната белетристика на сите времиња во Словенија. Филмот е адаптација на романот, по сценарио кое заедно го потпишаа со режисерот Марко Набершник. Во 2022 авторката беше гостинка на Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во Скопје и потпишуваше примероци.
– Да ја следевме приказната буквално според романот, тој ќе траеше четири и пол часа. Во филмската верзија и крајот, на некој начин, е хепиенд, рече дене продуцентот Павлин.

Македонскиот копродуцент Томи Салковски рече дека му е драго што Скопје е меѓу првите градови во регионот каде што се промовира филмот, по светската премиера на Сараево филм фестивал во август и во Љубљана. Филмот е во копродукција меѓу 6 земји: Словенија, Италија, Хрватска, Србија, Македонија и Црна Гора, и Европскиот фонд за копродукции Еуримаж.
-Долго време размислувавме со Алеш како да почнеме и на крај одлучивме дека е најдобро да почнеме со фестивал, а потоа во редовен кино репертоар да отиде. Се надеваме дека на крајот на годината или во јануари дека во „Синеплекс“ ќе почне со редовен репертоарски програм, рече Салковски.
Тој информира дека со Алеш се пријатели и соработници повеќе од 30 години и разговарале да направат нешто ново. Алеш, како што рече, ми се јави еден ден и ми кажа имам нешто интересно за тебе, одличен роман кој сега се преведува на македонски и би било интересно и за тебе да го аплицираме, да биде една супер екс-југословенска приказна, каде ќе покажеме нешто сосема различно. Потенцира дека вистинско изненадување, според него, било кога ја видел Леа на платното.
Л. Сабит