Ангеловска-Бежоска: Мерките на НБМ покрај одложување на ратите овозможуваат и други поволности


Банките и штедилниците ќе можат на повеќе начини да им го олеснат финансискиот товар на граѓаните и фирмите погодени од корона кризата, што е поповолно од едеинствена мерка мораториум на отплатите на кредитите, изјави гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за МТВ. Таа појасни дека регулаторните измени што ги донесе Советот на Народната банка во петокот овозможуваат одложување односно грејс-период за отплата на кредитите, потоа пролонгирање на исплатата на кредитот на подолг период, пониска каматна стапка или одобрување на нов поповолен кредит за рефинансирање на постојниот итн.

„Ова важи за сите кредитни услуги, односно за потрошувачки, станбени, автомобилски кредити итн., потоа за кредитни картички, за дозволено пречекорување односно одобрен минус, како и за кредитите на фирмите“, рече Ангеловска-Бежоска.

Исто така, се овозможува навремена поповолна промена на кредитните услови за кредитите да не станат нефункционални. До крајот на септември секое доцнење до 150 дена нема да се смета за нефункционален кредит, појасни гувернерката.

„Банките и штедилниците учествуваа во процесот и ги поддржаа регулаторните измени. Тие ќе се придржуваат до јасно утврдените критериуми во Одлуката за методологијата за управување со кредитниот ризик донесена од Советот на Народната банка“, вели Ангеловска-Бежоска.

Таа додаде дека банките и штедилниците се подготвени да одговорат на барањата на корисниците на кредитите и се мотивирани да им ги понудат поволните можности за промена на постојните договорни услови.

„И во нивен интерес е да помогнат фирмите да го пребродат овој шок и да можат да опстанат на долг рок и да имаат капацитет за да можат понатаму да ги сервисираат обврските“, вели Ангеловска-Бежоска.

Регулаторните измени со коишто се олеснува финансискиот товар на засегнатите корисници на кредити, за банките и штедилниците важат до крајот на септември, но ако биде потребно, нивната важност може да биде продолжена, најави таа.

„Народната банка нема законска надлежност да пропише мораториум на наплатата на кредитите. Но, суштински, во споредба со мерка само со мораториум, донесените регулаторни измени нудат поширок сет на поволности за граѓаните и фирмите, односно одложување, промена на каматна стапка и слично“, вели Ангеловска-Бежоска нагласувајќи дека во согласност со законските можности, Народната банка го даде својот максимум во однос на олеснување на финансискиот товар на засегнатите граѓани и фирми.

Таа уште додаде дека Народната банка, Министерството за финансии и Македонската банкарска асоцијација работат на уредба со која ќе се утврди поедноставен и ефикасен начин за комуникација и уредување на договорните односи меѓу засегнатите корисниците на кредити и банките и штедилниците. Се изнаоѓа најефикасен начин и тој ќе биде соопштен на граѓаните.