Ангеловска-Бежоска: И во ковид-кризата, извозниот сектор е клучен за економијата

Гувернерката нагласува дека за мала, отворена економија како нашата е неопходно натамошно забрзување на извозот и продлабочување на интеграцијата во меѓународната економија заради остварување на конвергенцијата на доходот

 

 

И во текот на ковид-кризата, извозниот сектор е клучен за економијата. Искуствата покажуваат дека за побрза реална конверегенција, за малите и отворени економии се неопходни забрзување на извозот и продлабочување на интеграцијата во меѓународната економија. Ова меѓу другото го истакнува гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска во изданието „Топ 100 извозници“ на специјализираниот портал „Извоз.мк“.

Посочувајќи дека не треба да ги изумиме долгорочните, фундаментални фактори на нашиот економски раст и конвергенцијата на доходот, гувернерката нагласува дека за мала, отворена економија како нашата е неопходно натамошно забрзување на извозот и продлабочување на интеграцијата во меѓународната економија заради остварување на конвергенцијата на доходот.

„На ова поле, во периодот пред пандемијата имавме значителен напредок, како резултат на зголемените странски инвестиции, особено во автомобилската индустрија, што ја поврзаа нашата економија со германските синџири на производство и истовремено придонесоа за зголемување на надворешната трговија, особено извозот. Со тоа се зајакнаа врските со европската економија, но и придонесот на извозот за растот на БДП.“ – истакнува Ангеловска-Бежоска.

Меѓународните искуства покажуваат дека трговската и финансиска интеграција можат позитивно да влијаат на доходот преку неколку канали: подобрување на продуктивноста и конкурентноста на економијата, диверзификација на економската и извозната структура, а со тоа и диверзификација на ризиците, повисоко ниво на софистицираност на извозот, односно на додадена вредност, како и постабилно финансирање на растот преку странските директни инвестиции.

„Оттаму, неопходен е фокус не само на краткорочните предизвици, туку и на структурните реформи коишто ќе го зголемат извозниот потенцијал на нашата економија на долг рок, како значајна детерминанта на реалната конвергенција.“ – порачува Ангеловска-Бежоска.

Таа истакнува и дека особено на долг рок, важно е што на средината на јули, лидерите на ЕУ постигнаа договор за заедничко позајмување на 750 милијарди евра како одговор на пандемијата, од кои 390 милијарди ќе се користат како грантови и 360 милијарди како кредити, како и договор за наредниот седумгодишен буџет на ЕУ од малку над еден билион евра.

„Позитивните реакции од страна на пазарите укажуваат дека овој пакет ќе има силен ефект за надминување на последиците од пандемијата и закрепнување на европската економија, што индиректно ќе се одрази поволно и на нашиот економски раст, со оглед на силните економски врски.“ – констатира Ангеловска-Бежоска.

Во текстот, таа се осврнува и на досегашните и очекуваните ефекти од ковид-кризата врз извозниот сектор, како и значењето на работата на извозните компании за економијата.

Имајќи го предвид големото значење на извозниот сектор за македонската економија, како од аспект на надворешната позиција на економијата, така и во контекст на постигнувањето повисоки стапки на долгорочен, одржлив економски раст, Народната банка постојано го поддржува работењето на извозните компании преку конкретни нестандардни мерки.

„Уште позначајно е тоа што овие мерки не се нови и не се исклучиво поврзани со актуелната состојба со ковид-19. Имено, почнувајќи уште од јануари 2013 година, Народната банка направи промени во инструментот за задолжителната резерва, односно ја намали основата за задолжителната резерва на банките за износот на новоодобрени кредити на компаниите коишто се нето-извозници и на компаниите од енергетскиот сектор. Оваа нестандардна мерка, којашто беше активна сѐ до декември 2019 година, имаше за цел да обезбеди намалување на цената на кредитите одобрени на овие компании, како и зголемување на обемот на кредитната поддршка за овие значајни сектори од економијата. Имено, на крајот на 2019 година, состојбата на одобрените кредити кон системски значајните сектори изнесуваше 13 милијарди и 484 милиони денари, при што вкупно ослободената ликвидност по овој основ изнесуваше 1 милијарда и 79 милиони денари.“ – истакнува Ангеловска-Бежоска.

Инаку, и мерките на Народната банка во текот на ковид-кризата се однесуваат и на компаниите во извозниот сектор, којшто беше помеѓу првите сектори кои беа погодени од кризата. Со помош на преземените мерки, кредитниот раст и во овие кризни услови се одржа на солидно ниво, а податоците се и над очекувања согласно со последните априлски проекции. Ова не беше случај во периодот на економската и финансиската криза, кога во текот на 2009 година дојде до значително забавување на кредитниот раст.