Aндреа Мирческа е добитник на „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар


Скопскиот џез-фестивал веќе трета година по ред ја доделува наградата „Златен орикс“ за најдобар млад џез-музичар во Македонија. Лани со неа се закити младиот пијанист/клавијатурист Филип Димишковски, а во 2017 година – тапанарот Виктор Филиповски. Оваа година, наградата „Златен орикс“ оди во рацете на басистката Андреа Мирческа. Наградата ќе ѝ биде врачена во вторник на 15 октомври во клубот и ресторанот МКЦ.
Андреа Мирческа е родена 1998 година во Прилеп. Завршила средно музичко училиште во Битола. Студира џез-контрабас, апсолвентка е на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на професорот Кирил Туфекчиевски. Повремено свири со Летечки пекинезери, била дел од Мјузик митинг Сараево во склоп на Џез-фест Сараево. Гостува на неколку концерти на Јордан Костов Трио (со Марко Боско – перкусии и Маки Хачиyа – вокал и пијано). Дел е од најновиот авторски проект „Шамба“ на гитаристот Бојан Петков. Редовно настапува на клупски џез-свирки во Скопје и низ земјата. Вклучена е и во повеќе уметнички проекти: ГОДО, „Танго ритмо“, „ЗиБомбхЛабаво&Фанки“ и други.
Доделувањето на наградата „Златен орикс“ е една од повеќето придружни активности на 38. издание на Скопскиот џез-фестивал, чија главна програма стартува в четврток, 17 октомври.