Анализа на „Вашингтон пост“: Путин смета дека Западот прв ќе потклекне

Се очекува инфлацијата да биде над 20 отсто, а Русија се соочува со најголемата рецесија во последните 30 години. Но целта на Путин да ја потчини Украина и на крајот да го подигне руското знаме во Киев не е променета


 

Американскиот весник „Вашингтон пост“ анализира дали имаат ефект санкциите кои ЕУ, Велика Британија и САД ги воведоа кон Русија со цел да се изврши притисок врз руската економија да го принуди Путин да го прекине нападот врз Украина и дали Путин може да ги истрпи санкциите додека ги поткопува европските единство.да добие поддршка за нивно укинување.

Според овој весник, повикувајќи се на тврдењата на американските и руските политички и економски експерти, Кремљ се обидува да го зголеми економскиот притисок врз Западот со цел да ја поткопа странската поддршка за Украина.

Имено, рускиот претседател Владимир Путин се подготвува за долга војна на исцрпување во Украина и ќе биде, според членовите на руската економска елита, безмилосен во обидите да употреби економско оружје како блокадата на украинскиот извоз на жито, за да ја разводни поддршката од Западот за Киев.

Кремљ се потпира на неодамнешните знаци на неподготвеност од некои европски влади да дадат дополнителна поддршка, сметајќи го тоа како показател дека Западот може да го изгуби фокусот во спротивставувањето на руската инвазија на Украина, особено кога светските цени на енергијата се зголемуваат по воведувањето санкции кон Москва.

Путин „верува дека Западот ќе се исцрпи“, вели добро информиран руски милијардер, барајќи да остане анонимен поради страв од последици. Путин не очекуваше силна заедничка првична реакција од Западот, „но сега се обидува да ја преобликува ситуацијата и верува дека ќе победи на долг рок“, тврди милијардерот. Западните лидери се ранливи на изборни циклуси, а Путин верува дека „јавното мислење може да се сврти против нив преку ноќ“, пишува „Вашингтон пост“.

Оваа недела, Европската унија објави ембарго за извозот на поморска нафта од Русија, а претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, го пофали потегот како максимален притисок врз „Русија да стави крај на војната“. Но, тоа „ќе има мало влијание на краток рок“, рече руски функционер близок до дипломатските кругови на Москва, кој исто така побара анонимност поради страв од одмазда. „Позицијата на Кремљ е дека не можеме да загубиме без оглед каква може да биде цената за тоа“, тврди тој.

Кремљ соопшти дека потегот на ЕУ само поттикнал натамошен скок на светските цени на енергијата и дека ќе доведе до пренесување на руските стоки на азиските пазари, иако ЕУ и Британија, исто така, воведоа забрана за осигурителните компании да ги осигураат стоките што ги транспортира Русија.

„Жителите на земјите од ЕУ“ го чувствуваат влијанието на овие санкции повеќе отколку ние“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков во интервју за „Вашингтон пост“. „Западот направи грешка по грешка, што доведе до растечка криза, а да се каже дека за ова е виновна ситуацијата во Украина и она што го прави Путин, не е точно“. тврди тој.

Ваквиот став укажува дека Кремљ верува дека може да ги издржи последиците од економските санкции подолго од Западот. Путин има мал избор освен да ја продолжи војната со надеж дека блокадата на украинското жито „ќе доведе до нестабилност на Блискиот исток и ќе предизвика нова поплава на бегалци“, рече Сергеј Гуриев, поранешен главен економист во Европската банка за обнова и развој.

Сите советници на Путин

Изгледа дека агресивниот став на Кремљ ги одразува ставовите на Николај Патрушев, воинствениот лидер на рускиот Совет за безбедност, кој служеше со Путин во Ленинградската (сегашна Санкт Петербург) КГБ, и сѐ повеќе се смета за тврдокорен идеолог кој влијае на војната во Украина.

Тој е еден од неколкуте блиски советници за безбедност за кои упатените во Москва веруваат дека имаат пристап до Путин.

Во три крајно антизападни интервјуа за руските весници по инвазијата, Патрушев, кој досега ја избегнуваше јавноста, рече дека Европа е на работ на „длабока економска и политичка криза“ бидејќи инфлацијата расте и животниот стандард паѓа, што влијае на расположението на Европејците и дека нова мигрантска криза ќе создаде нови безбедносни закани.

„Светот полека тоне во невидена криза со недостиг на храна. Десетици милиони луѓе во Африка или на Блискиот Исток ќе останат на работ на глад поради Западот. За да преживеат, ќе побегнат во Европа. Не сум сигурен дека Европа ќе ја преживее оваа криза“, изјави Патрушев за рускиот државен весник „Росиска газета“ во едно од овие интервјуа.

А во минатонеделното интервју за популарниот таблоид „Аргументи и факти“, Патрушев рече дека Русија „не брза да постави какви било рокови“ во својата воена кампања во Украина.

Руската армија постепено напредуваше во источниот регион на Украина Донбас, но наместо да оди во брза и одлучувачка битка, Путин верува дека времето е на негова страна, смета рускиот милијардер. „Путин е многу трпелив човек. Тој може да си дозволи да чека шест или девет месеци. Тој може да го контролира руското општество многу построго отколку што Западот може да го контролира своето“, смета тој.

Според соговорниците, Кремљ долгото дипломатско пазарење за условите за нафтено ембарго на ЕУ го гледа како знак на слабеење на западната одлучност. За време на викендот, Путин телефонски го повикаа францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц за начините за деблокирање на украинските пристаништа, што дополнително го зајакна неговиот поглед на ситуацијата. Кога западните лидери ќе го повикаат Путин и ќе побараат договор со него, „тоа значи дека мисли дека има предност“, изјави поранешен функционер на американската влада.

Кремљ инсистира дека блокадата на извозот на украинско жито е последица на украинското минирање на Црното Море, кое Киев го негира, а Песков вели дека западните санкции ја спречуваат и испораката на жито.

Потенцијалните загуби на Русија поради забраната на ЕУ за извоз на руска нафта по морски пат би можеле да бидат минимални, вели Сергеј Алексашенко, поранешен заменик-гувернер на руската централна банка, кој сега живее во егзил во САД. Ако Русија успее да го пренасочи целиот свој поморски транспорт кон Индија и Кина, загубите на Русија поради оваа забрана би можеле да бидат вкупно само околу 10 милијарди долари, смета тој.

„Економските советници на Путин ќе му кажат колку се проценети загубите поради ова ембарго, а тој тивко ќе се смее“, тврди Алексашенко. „Путин не го менува својот курс“. вели тој.

Ембаргото на ЕУ треба да се гледа како „само прв чекор“ во напорите да се скратат приходите на Кремљ, вели Едвард Фишман, доцент по меѓународни и односи со јавноста на Универзитетот Колумбија и поранешен функционер на Стејт департментот.

Неколку сегашни и поранешни високи западни функционери разговараа за предлозите на САД и ЕУ да формираат картел и да наметнат ограничување на цената на руската нафта, можеби од 30 до 40 долари за барел. Овој чекор би можел да биде поефективен од европската забрана и да помогне да се намалат светските цени, велат Гуриев и Фишман. Според тој предлог, Америка би можела да воведе секундарни санкции за секој што купува руска нафта по цена над онаа што ја пропишале, тврдат тие.

Решение за нафтата?

Италијанскиот премиер Марио Драги прв ја предложи идејата за создавање картел на потрошувачи на нафта на средбата со американскиот претседател Бајден, а Европската комисија сега го испитува предлогот на Драги за воведување можно ограничување на цената на гасот.

Путин претходно објави дека „економскиот блицкриг“ против Русија пропаднал, а руската економија навидум се опоравува од првичниот шок предизвикан од западните санкции благодарение на приливот од речиси милијарда долари дневно од извоз на нафта и гас во Европа. Ова се однесуваше на периодот пред ЕУ да воведе ембарго на руската нафта што се транспортира по морски пат. Исто така, благодарение на контролата на капиталот и наредбите руските извозници да продаваат половина од својата девизна заработка на државата, рубљата зајакна и се врати на предвоените нивоа.

Но, гувернерот на Руската народна банка, Елвира Набиулина, предупреди дека целосното влијание на западните санкции допрва ќе се почувствува. Забраната за увоз на високотехнолошки стоки само што почна да предизвикува проблеми, додека недостигот на некои стоки дури сега почнува да се забележува.

Се очекува инфлацијата да биде над 20 отсто, а Русија се соочува со најголемата рецесија во последните 30 години. Обидот на Путин да го заштити населението од инфлација, која во моментов се проценува на 18 отсто, беше да нареди зголемување на пензиите и минималните плати за 10 отсто, но тоа не е ни блиску до доволно.

Како што растат ризиците на сите страни, „ова ќе биде војна на трошење од економска, политичка и морална гледна точка“, вели руски функционер. „Сите ја чекаат есента“, кога последиците од санкциите ќе бидат најтешки, тврди тој.

Засега, сепак, додека украинскиот претседател Володимир Зеленски проценува дека на Киев му требаат 7 милијарди долари помош месечно само за да ја одржи земјата во функција, Путин се чини дека се обложува дека Западот прв ќе попушти, вели поранешен функционер на американската влада. „Целта на Путин да ја потчини Украина и на крајот да го подигне руското знаме во Киев не е променета“, смета тој.