Амнести Интернешнел: САД го прекршија хуманитарното право во војната со Иран
Вашингтон– САД го прекршија меѓународното хуманитарно право со тоа што не ги презедоа сите можни мерки за да го спречат страдањето на цивилите за време на војната со Иран, се наведува во денеска објавениот извештај на меѓународната невладина организација за човекови права Амнести Интернешнел (АИ).
Во извештајот, АИ ги обвини американските сили за напад врз основно училиште во јужниот ирански град Минаб, каде што, според наводите на Амнести, загинале повеќе од 160 луѓе, вклучително и деца, пренесе Ен-Би-Си Њуз. АИ наведува дека до овој заклучок дошла по анализа на фотографии и видеоснимки направени пред и по нападот на училиштето, кое се наоѓало покрај комплекс на Исламската револуционерна гарда.
Организацијата соопшти и дека ангажирала независен судски патолог кој спровел дополнителна анализа. Директорката за истражување, застапување, политика и кампањи во Амнести, Ерика Гевара-Росас, оцени дека нападот претставува трагичен пример за последиците што ги трпат цивилите за време на конфликтот.
– Овој страшен напад врз училиште полно со деца претставува шокантен пример за катастрофалната и целосно предвидлива цена што ја плаќаат цивилите за време на овој вооружен конфликт – рече Гевара-Росас.
Амнести соопшти дека, доколку објектот пред нападот не бил идентификуван како училиште, тоа би укажувало на „грубо невнимание“ и сериозен пропуст на американската разузнавачка служба. Организацијата ги повика САД да спроведат транспарентна истрага за нападот и порача дека одговорните мора да сносат последици.
Нападот на училиштето се случи на 28 февруари наутро, кога во американско-израелските напади беше погодена основната и претшколска установа „Шаџаре Тајебе“ во Минаб, во провинцијата Хормозган, при што загинаа 175 ученици и наставници.
Комитетот на Обединетите нации за правата на детето соопшти дека е „длабоко вознемирен“ од извештаите за бомбардирањето на училиштето, а портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багеи, изјави дека сеќавањето на загинатите во нападот „засекогаш ќе остане врежано во срцето на Иран“.
САД и Израел го нападнаа Иран во саботата наутро, на 28 февруари, во она што беше соопштено како „превентивни напади“, до кои дојде по неуспехот на повеќе рунди преговори за иранската нуклеарна програма. Иран потоа почна масовни одмазднички напади врз Израел и врз цели поврзани со САД низ регионот на Блискиот Исток.