Американско разузнавање: Путин не е подготвен за мир, уште планира да го освои Киев
Според разузнавачите, во Москва на американскиот претседател се гледа како на слабак кој нема принципи и може да биде изманипулиран

Во своите тајни извештаи, американските разузнавачи ја доведуваат во прашање подготвеноста на Владимир Путин да ја заврши војната против Украина, сметајќи дека тој не ја променил својата главна цел – да ја потчини на еден или друг начин. Во исто време, зближувањето меѓу САД и Русија, иницирано од Доналд Трамп, не донесе корист за него: во Москва го сметаат за слабак со кој може да се манипулира.
Содржината на извештаите, вклучително и оној подготвен на 6 март, беше откриен за „Вашингтон пост“ од луѓе запознаени со разузнавачките проценки. Путин и понатаму има намера да бара контрола врз Киев и нема знаци дека отстапил од неговото инсистирање Украина да биде интегрирана во рускиот безбедносен и економски систем, се вели во извештаите. „Тој има долгогодишна желба да ја обнови ‘Мајка Русија’“, рече еден од изворите на „Пост“.
Во вторникот Вашингтон и Киев се согласија на 30-дневен прекин на огнот, на кој Трамп и неговиот државен секретар Марко Рубио побараа од Кремљ да се приклучи. Но, дури и ако Путин се согласи на привремено примирје, тој ќе го искористи за да го направи она за што ја обвини Украина во својата изјава во четвртокот: да им даде одмор на своите војници и подобро да ги подготви за продолжување на војната, според неколку сегашни и поранешни функционери. „Како ќе се искористат овие 30 дена?“ рече Путин, практично отфрлајќи го предлогот. „Да продолжи присилната мобилизација во Украина? Да се снабдува со оружје таму? Да се обучуваат новомобилизираните единици?“
Трамп постојано изјавува дека Путин е подготвен за мир; во средата, тој рече дека мисли оти „има смисол“ Русија да се приклучи на примирјето. Но, во Москва на американскиот претседател се гледа како на слабак кој нема принципи и може да биде изманипулиран, изјави претставник на европските разузнавачи за „Вашингтон пост“, цитирајќи информации собрани во текот на изминатиот месец. Ако двете страни се согласат на траен прекин на огнот, рече тој, Москва ќе ги продолжи напорите да ја потчини Украина преку „хибридни“ методи, како што се обиде да го направи во 2014-2021 година – преку економски и дипломатски притисок, инфилтрација во украинската елита, бизнис заедницата, безбедносните служби и војската и влијание преку Руската православна црква во Украина. Сепак, додаде официјалниот претставник, „инвазијата во 2022 година се случи токму затоа што хибридните алатки не функционираа“.
Откако Путин одби итен прекин на огнот, САД ги заостри санкциите за руските банки и нафтата. Трамп претходно ѝ се закани на Русија со „уништувачки санкции“ без да прецизира какви би можеле да бидат. Официјален претставник запознаен со расположението во Белата куќа изјави за „Вашингтон пост“:
„Претседателот е очаен да направи договор. А Русите не покажуваат знаци на омекнување на нивниот став. Ги заоструваат барањата“.