Американскиот функционер О’Брајан се сретна со Мицкоски


 

Во американската амбасада во Скопје Џемс О’Брајан денеска се сретна со тричлена делегација на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Христијан Мицкоски. Според кусото соопштение од партијата на средбата биле потврдени добрите односи и потребата за ползување на придобивките од стратешкото партнерство на САД со Македонија.

Мицкоски истакнал дека стратешки интерес на Македонија освен членството во Европската Унија е и заштита на националните и идентитетски обележја на македонскиот народ и Македонија. Мицкоски зборувал и за сериозна борба против корупцијата и криминалот како голем проблем на граѓаните, и неопходноста од системски реформи кои ќе го подобрат стандардот на државата.

Американската амбасада на својот Фејсбук профил кусо објави дека „О’Брајан денеска се сретна со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да разговараат за американско-македонските односи и актуелните прашања. О’Брајан ја истакна силната поддршка на Соединетите Држави за патот на Северна Македонија кон членство во ЕУ и важната улога што треба да ја имаат сите политички партии во земјата во поддршка на овој процес“.

Вчера, за време на неколкучасовниот престој државениот секретар Ентони Блинкен имаше средби на официјално државно ниво со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи Бујар Османи.