Американскиот БДП се зголеми за 1,6 отсто во првиот квартал


Економијата на САД се забрза во првиот квартал, поддржана од мерките за државна помош кои ја зголемија личната потрошувачка и ги олеснија ограничувањата паралелно со забрзаната вакцинација на граѓаните, покажаа првичните проценки на владата.
Според првичните проценки на Министерството за трговија, американскиот БДП порасна 1,6 отсто во првиот квартал во споредба со претходните три месеци кога активноста се зголеми за 1,1 процент.

На годишно ниво, БДП се зголеми за скромни 0,4 проценти во првите три месеци од оваа година, по падот од 2,4 проценти во последниот квартал на 2020 година.

Годишната стапка на раст, која покрај САД ја користат само Јапонија и Канада покажува колку економијата би пораснала во изминатите 12 месеци ако растела со иста стапка во секој квартал како во последните три месеци, беше 6,4 проценти во првиот квартал.

Во четвртиот квартал од 2020 година, беше 4,3 проценти.

Растот на БДП во првите три месеци од оваа година ја одразува зголемената лична потрошувачка, водена од државната помош што Американците ја потрошија претежно на автомобили и делови за автомобили, како и на храна и пијалоци и услуги за подготовка на храна и сместување, објави Министерството.

Економијата беше поддржана и со инвестиции во комерцијални згради и станбени недвижнини.

Економијата на САД закрепнува побрзо од другите големи економии благодарение на владините стимулативни пакети и забрзаната вакцинација на граѓаните што ја зголеми домашната побарувачка и овозможи отворање на услужните дености, како што се рестораните и баровите, наведува Ројтерс.

Администрацијата на поранешниот американски претседател Доналд Трамп обезбеди речиси 3.000 милијарди долари во почетната фаза на пандемијата за да помогне во надминување на корона кризата, потсетува агенцијата.

Дополнителни речиси 900 милијарди долари беа одобрени во втората половина на декември, а кабинетот на новиот претседател Џо Бајден се надоврза во март со „тежок“ пакет од 1.900 милијарди долари, кој вклучуваше 1.400 долари за еднократна помош за домаќинството.

Централната банка во средата потврди дека економската активност расте силно, но истакна дека сè уште не е време да се откаже програмата за откуп на средства, бидејќи вработувањето сè уште не го достигнало утврденото ниво.

Вработувањето е клучен критериум за ФЕД при креирање монетарна политика.

Многу економисти предвидуваат дека најголемата светска економија нема целосно да закрепне од пандемиската рецесија до втората половина на 2023 година, според Ројтерс. Во 2020 година падна за 3,5 проценти.