Американската трагедија


ЕРОЛ РИЗАОВ

Америка и Македонија сега ќе можат да се споредуваат во една единствена работа – 27 април 2017 и 6 јануари 2021 година

 

Не верувам дека има човек во Македонија кој ги следеше настаните во живо од американската трагедија во зградата на Конгресот во Вашингтон, кој не помисли на тоа што се случуваше на 27 април 2017 година во македонското собрание. Македонија и Америка сега веќе можат да се споредуваат во една единствена работа – 27 април 2017 и 6 јануари 2021 година.

Има многу сличности и уште повеќе разлики, но резултатот е ист. Победи правдата, пропаднаа обидите за пуч, а срамот, жртвите  и последиците ќе останат уште долго како темна дамка и опомена колку може да биде загрозена демократијата само од еден човек, чии популистички пораки наоѓаат свои следбеници и во најразвиените и најдемократски земји. Светот уште долго ќе се соочува, додуша по сопствен избор, со лудаци, диктатори, автократи, деспоти, вождови и политички челници со неограничена власт кои се нормални додека не ги запознаеш и не ги почувствуваш на сопствена кожа, а кои лесно во ерата на интернет мобилизираат следбеници со пропаганди, лаги и манипулации.

Подобри сме од Американците

Сепак ние сме подобри од Американците кога станува збор за примопредавање на власта. Нашите патриоти уште пред неполни четири години го кренаа востанието против „нелегитимната“ власт. Америка, лидерот на светската демократија и на слободниот свет се обрука, не само затоа што им требаше четири години да научат како да се предаде власта кога ќе се загубат изборите, туку имаа и четворица загинати според првите извештаи. Кај нас имаше само ранети и претепани. Тоа е тоа кога ќе се случи инцидент на историјата и ќе дојдат на власт луѓе од типот на Доналд Трамп и Никола Груевски. Ги има многу повеќе на оваа чудесна планета на која историјата редовно се повторува како фарса.

Но, 6 јануари 2021 во Вашингтон  и 27 април 2017 година во Скопје како историска закономерност на поводите, на причините и на последиците се само финале на едно лошо авторитарно и криминално владеење полно со лаги и злоупотреби на власта и високите функции. Причините за ваквите патриотски одбрани на народот да не се даде власта и покрај законски спроведени избори, се случуваат многу порано  од директните преноси на пучистичките востанија секогаш поттикнати и организирани од највисокиот државен врв со регрутација на насилници, уличари, корисни будали и како што се констатира во двете земји – од домашни терористи.

Да, да не сте чуле погрешно од домашни терористи. Не од оние екстремисти кои подметнуваат бомби, туку домашни терористи во служба на поразените владетели како што изјавија повеќе сенатори и конгресмени.

Никола Груевски по својата пирова победа избезумен што не може да најде коалициски партнери за мнозинство во парламентот повика мажите да не седат дома со папучи, да излегнат на улица и да го спречат фалсификатот и конституирањето на новиот парламентарен состав. Доналд Трамп, претседателот на Америка, го направи истото на свој начин. Обвини за украдени избори и изборен фалсификат и ги повика своите следбеници да ја спасуваат американската демократија. Груевски не беше ни во параламентот, ниту во земјата. И Трамп беше отсутен од таму кај што требаше да биде присутен. Груевски го осуди насилството, но не го призна поразот и ја отфрли неговата вмешаност и на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ во организацијата на пучот. Трамп, откако настана хаосот и крвопролевањето, имаше целосно разбирање за демонстрантите поради „украдената победа“, ама им порача да си одат дома. Што веднаш беше препознаено како нова закана и од неговите најблиски соработници во Белата куќа, пред сѐ од потпретседателот на Америка, републиканецот Мајк Пенс, кој јасно и гласно соопшти дека е против Трамп и застана цврсто во одбрана на Уставот, за разлика од тогашниот претседател на Македонија, Ѓорге Иванов, кој со своите постапки беше еден од потикнувачите на обидот за државен удар.

Ќе се вратат ли Трамп и Груевски

Има уште многу сличности и разлики меѓу она што се случуваше на критичните датуми и пред тоа во Америка и во Македонија кои се предмет на анализи. Но едно е сигурно , и Трамп и Груевски во своите мандати од четири и 11 години ја покажаа својата насилничка и антидемократска политика на сеење страв, примитивен популизам, манипулации и невистини.

Ќе биде многу интересно како Америка понатаму ќе се справува со овој обид да се оневозможи инаугурацијата на Џо Бајден во нов американски претседател. Првиот чекор во Америка е направен истата вечер во 4 часот наутро – американскиот Конгрес ја потврди победата на Бајден. Претседателот Трамп веднаш даде изјава дека одлуката претставува крај на најсилниот прв мандат во историјата на претседателството во Америка и додаде дека „и покрај тоа што не се согласувам со исходот на изборите сепак ќе има уредна транзиција на 20 јануари“. Притоа не пропушти да најави враќање на претседателската функција: „Ќе ја направиме Америка повторно голема“.

Одговорот до Трамп  беше жесток. Претседателот потикна бунт, или обид за уривање на американската влада. Тој може да биде отповикан иако има само уште две недели од мандатот. Се разгледуваат уставните можности да биде обвинет за поткопување на законските резултати од законски спроведени избори.

Во Македонија додека сѐ уште траат судските постапки за случувањата на 27 април Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и наследникот на Никола Груевски, во сведочење пред судот по речиси четири години од обидот за пуч изјави дека тоа беше спонтан протест на граѓаните незадоволни од изборниот фалсификат. Немало никаква организација на упадот во парламентот и крвопролевањето, сето тоа било патриотски спонтан чин во земја кај што не може да се прослави ни роденден ако нема организиран пристап и покана, а не да се направи пуч. Неговата партија не ја признава легитимноста на владата по два изборни парламентарни законски спроведени и веродостојни  избори и во 2016 и во 2020 година. Сите проблеми ќе бидат решени кога ќе дојде на власт патриотска влада. Тогаш Македонија ќе биде повторно голема и самостојна.

Ете, тоа се само првичните споредби, сличности и разлики кога национализмот и популизмот се најсилната алатка за одржување на власт. На Никола Груевски тоа му успеваше цела една ера, на Доналд Трамп само четири години.

Двете страни најавија враќање на власта. Тоа може и да се случи ако не се почитуваат законите и уставот и ако не се извлечат соодвети поуки, без разлика дали Трамп или Груевски ќе се вратат, или нивните наследници. Големата разлика е во тоа што богатата и моќна Америка, најголемата светска велесила кога се соочува со ваква ситуација за првпат за 250 години се тресе светот, а кога Македонија го практикува ќотекот во Собранието во 2012 и 2017 година, половина држава се гордее од „патриотизмот“, а здравиот разум резигниран од туѓиот срам се повлекува пред наездите на примитивизмот, популизмот и национализмот.