Амазон под истрага на германските антимонополски власти


Германските антимонополски власти покренаа истрага за односот на компанијата Амазон кон трети трговски фирми, кои продаваат стоки и услуги преку сајтот на американскиот гигант во е-трговијата.

– Во моментот истражуваме дали и на кои начин Амазон влијае на тоа како трговците ги формираат цените на нејзината платформа, изјави денеска претседателот на германската Федерална канцеларија за борба против картелите, Андреас Мундт.

Тој додаде дека во првтите неколку месеци од пандемијата со Ковид-19, кога голем број продавнци беа затворени, граѓаните купувале преку интернет и се пожалиле дека Амазон блокирал некои трговци поради наводно превисоките цени.

– Амазон не смее да биде контролор на цените, посочи Мундт.

Додека портпаролката на Амазон изјави дека политиката на компанијата е осмислена да обезбедува утврдување на конкурентни цени за нејзините партнери.

– Партнерите на компанијата Амазон сами ги одредуваат цените на своите производи во нашата продавница. Нашиот систем е дизајниран така да спречува вештачки високи цени, истакна портпаролката на Амазон.

Германија е второ најголем пазар на Амазон по САД.

Амазон до 2013 година ги спречуваше трговците да ги нудат своите производи преку други сајтови по пониска цена отколку во е-продавниците на компанијата, но под притисок на германскиот пазарен регулатор се откажа од таквата пракса. Минатата година Амазон постигна договор со германските власти за измена на условите кои им ги нуди на трети трговци, поради што Канцеларијата за борба против картелите се откажа од седуммесечна истрага.