Алушовски: Гостувањето на ПСЖ ќе биде ракометен празник
Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер се подготвува за завршниот натпревар на домашен терен во Лигата на шампиони во кој в среда во Битола го пречекува францускиот гигант ПСЖ.
„Се подготвуваме како и за секој натпревар во Лигата на шампиони. Ни гостува гигантот ПСЖ кој оваа година во првата полусезона не играше според очекувањата. Станува збор за тим составен од голем број француски репрезентативци и интернационалци кои се едни од најдобрите на своите позиции, така што ни претстои тежок натпревар, со многу трчање, но доколку успееме да го контролираме нивното темпо кое го наметнуваат при транзиција, имаме добри шанси со наша добра игра, сплотеност и карактер, да дојдеме до позитивен резултат. За нас ова е последен натпревар на домашен терен, ПСЖ не доаѓа секој ден во Битола, па се надевам на голема поддршка и ги повикувам сите љубители на ракометот, заедно да направиме еден добар и историски резултат за нас“, изјави денеска тренерот на Еурофарм Пелистер, Стевче Алушовски.
Со ремито минатата недела на гостувањето против дански ГОГ Гудме, избраниците на Алушовски ги загубија шансите за пласман во нокаут фазата во Лигата на шампиони.
„Ние шансите за пласман ги загубивме, но сите овие силни натпревари против ПСЖ и Барселона ќе ни послужат и се добредојдени за екипата од ден во ден да расте. Кажав дека краток период сме заедно и секој еден ваков меч е додадена вредност во однос на тоа што значи како ќе се поставиме во играта во одбрана и во напад. Двата исклучително тешки мечеви со ПСЖ и Барселона ќе ги користиме за подготовка со Вардар. Нашиот фокус е кон домашното првенство, но тоа не значи дека во ЛШ нема да играме на нашиот максимум“, додаде Алушовски.